„Срамота е – креираа голем проект, а немаат доволно финансии“

Норвешкиот шампион Колстад пред неколку дена потврди дека се наоѓа во финансиска криза и дека високите плати на ракометарите ќе мора да бидат намалени во следните две сезони.

И покрај финансиските проблеми, големата ракометна ѕвезда Сандер Сагосен најави дека прифаќа да игра за помала плата. Примерот на Сагосен ќе го следат и останатите ракометари од тимот.

Откако ЕХФ му додели вајлд- карта на Колстад, кој во досегашниот тек од неговото постоење нема настап во Европа, а клубови како Динамо Букурешт и Спортинг Лисабон извисија, први се огласија од романскиот шампион.

Романците истакнаа дека тимот од Норвешка пред доделувањето на вајлд-картите за настап во елитата криел дека има големи финансиски проблеми со цел да добие место во ЛШ.

За финансиската криза во Колстад свој коментар имаше и спортскиот директор на Алборг, Јан Ларсен.

„Ова е срамота, креираш таков голем проект, а потоа имаш сериозни финансиски проблеми уште пред тимот воопшто да почне да игра во Лигата на шампионите. Искрено, мислев дека имаат се под контрола… Јас сум и изненаден и шокиран во исто време. Ги разбирам играчите кои потпишале договори со одредени услови. Кога условите не можат да се исполнат, тоа е прекршување на договорот. Тоа се правилата. Доколку немаат пари, другите клубови можат да ги откупат договорите. Мислам дека ќе го направат тоа, бидејќи станува збор за ракометари од светска класа“, изјави Ларсен.

Колстад е еден од ривалите на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите. Норвешкиот тим во Битола ќе биде гостин на 13/14 септември.

Динамо се буни пак: Колстад „криеше“ дека има финансиска криза за да игра во ЛШ