Динамо се буни пак: Колстад „криеше“ дека има финансиска криза за да игра во ЛШ

Динамо Букурешт сѐ уште се надева на место во Лигата на шампионите, откако норвешкиот шампион Колстад, кој создаде конкурентен тим за европска сцена, пред доделувањето на вајлд-картите за настап во елитата криел дека има големи финансиски проблеми.

Колстад пред неколку дена потврди дека се наоѓа во финансиска криза и дека високите плати на ракометарите ќе мора да бидат намалени во следните две сезони. И покрај финансиските проблеми, големата ракометна ѕвезда Сандер Сагосен најави дека прифаќа да игра за помала плата.

Веста за финансиската криза во Колстат предизвика лавина негативни коментари во Романија. Шампионот на Романија, Динамо Букурешт, кој аплицираше за вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите, извиси најверојатно на сметка на Колстад.

,,Од Колстад знаеја дека имаат финансиски проблеми, но не се огласуваа за да добијат вајлд-карта за Лигата на шампионите”, исткануваат од Динамо Букурешт за порталот „ПроСпорт“.

Динамо Букурешт се надева дека ќе ги искористи проблемите на Колстад, но шансите сепак се прилично мали за да добие повик од ЕХФ.

Колстад со играњето во Лигата на шампионите од ЕХФ ќе добие 140.000 евра, дури и во ситуација да ги загуби сите натпревари во групната фаза. Токму со овие пари од Колстад се надеваат дека ќе можат да ги покријат загубите.

При објавувањето на учесниците за новата сезона во Лигата на шампионите, први се огласија од Динамо Букурешт, кои потенцираа дека не можат да разберат зошто не се меѓу избраните екипи во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Динамо Букурешт бесен на ЕХФ: Разочарани сме, докажавме дека заслужуваме да бидеме дел од ЛШ!