СП младинки: Без изненадувања на првиот ден

Денес во Словенија започна Светското првенство за младинки до 20 години, кое ќе се одржува до 3 јули. На првите натпревари од младинскиот Мундијал, победа остварија репрезентациите на Јапонија, Холандија, Шведска, Аргентина, Данска, Норвешка, Франција, Чешка, Романија, Германија, Хрватска, Австрија, Полска, Унгарија, како и домаќинот Словенија.

Во рамки од Групата А, репрезентацијата на Јапонија ја совлада Словачка со 12 гола разлика, 17:29 (11:12), додека во истата група, Холандија без проблеми славеше против Индија, со резултат 46:18. Сосема очекувано е дека селекциите на Јапонија и Холандија ќе се борат за првото место во првата група.

Репрезентациите на Иран и Гвинеја одиграа без победник, 19:19 (7:9), во натпревар од Групата Б. Шведска стартуваше со победа над Тунис, 32:25 (15:12). Данска и Аргентина во Групата Ц беа подобри од Црна Гора, односно Италија.

Црногорките немаа сили за пресврт и беа поразени од нивните врснички од Данска со четири гола разлика, 24:20 (12:11). Аргентина успеа да дојде до победа против Италија, 25:20 (11:8), откако одигра подобро во вторите 30 минути.

На победа се радуваа Норвешка и Франција во Групата Д. Норвежанките потешко од очекуваното стигнаа до победа против Јужна Кореја, триумфираа со 26:22 (13:11), а Франција го декласираше Бразил со 37:18 (20:9).

Романија со победа од три гола разлика против Ангола, 26:23 (12:10) обезбеди важни бодови во трката за првите две позиции во Групата Е. Чешка имаше фуриозен старт со победата над Литванија од 33:16 (19:7).

Во рамки од Групата Ф, домаќинот Словенија запиша рутинска победа против Мексико, 37:18 (23:8), додека Германија, исто така имаше полесен тренинг, со совлада Чиле со 40:18 (22:9).

Хрватска против Казахстан оствари висока победа, 36:15 (18:6), во натпревар од Групата Г. Во споменатата група, Австрија го доби соседското дерби против Швајцарија со седум гола разлика, 26:33 (10:18).

Полска, Унгарија, Египет и САД ја сочинуваат Групата Е. Тука нема дилеми кои ќе бидат двајцата патници во главната фаза. Во првото коло, Полска славеше против САД со 37:14 (18:9). Конкурентот на Полска за првата позиција, Унгарија со плус 19 гола разлика триумфираше против Египет, 39:20 (18:10).