СПЕКТАКУЛАРНО ФИНАЛЕ: Барса во пенал-рулет го скрши Келце и остана на европскиот трон!

Тимот на Барселона сруши една непријатна традиција и успеа да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, откако е воведен системот со завршен турнир. Во финалето кое беше решено по пенал-рулетот, славеше каталонскиот гигант со 37-35. Иако работата можеше да биде решена уште во регуларниот дел, сепак Барса прими гол во последните секунди и мечот мораше во продолженија, по кои исто така беше нерешено и мораше да се шутираат пенали.

По стартните 2-2, Барса прва се одлепи со повисока предност. Н’гесан, Фернандес и Гомес погодија во серија за 5-2. Таквата залиха, избраниците на Ортега ја имаа дваесетина минути до 10-7.

Душебаев и Морито намалија на 10-9, а потоа Каралек од тешка ситуација погоди за реми, 12-12. Потоа двете екипи погрешија по два пати, па во последната минута беа постигнати три гола, за 14-13 за Барса пред паузата. Кулеш израмни на стартот на второто полувреме, 15-15, и потоа се играше гол за гол. Двајцата голмани Вулф и Де Варгас имаа свои моменти, па пет минути не падна гол на двете страни и стоеше резултатот 20-21 за Келце.

Фабрегас од безизлезна ситуација израмни на 21-21, па продолжи резултатската клацкалка. Полскиот тим имаше шанса за плус два на десетина минути до крајот, но Карачиќ погреши и остана 23-24. По неколку пропуштени прилики, Барса израмни од пенал преку Гомес, а потоа истиот играч имаше уште една прилика во контра, но Вулф одбрани. Душебаев и Ричардсон погодија за 25-25 и на пет минути до крајот се почнуваше од нула.

Во следната минута каталонците искористија една грешка на Келце и преку Зеин дојдоа до предност, 27-26. Каралек стрелаше по асистенција на Карачиќ и пак беше нерешено. Келце во решавачките моменти остана без Гебала, кој доби исклучување, а Гомес го претвори пеналот во гол за 28-27. Полскиот тим погреши во нападот, но Дика Мем избрза на спротивната страна и Келце имаше триесетина секунди за последна акција.

Душебаев не успеа во првиот обид, но Каралек го имаше последниот шут и погоди во голот на Де Варгас за 28-28 и продолженија. По првите пет минути, Вулф беше одличен на голот, но неговите колеги не беа прецизни во нападот и направија три грешки, па Барса имаше предност 30-29. По две минути во второто продолжение Келце го презема водството 30-31, но Арињо донесе реми.

Уште по еден гол на двете страни кога останаа да се играат уште четириесетина секунди. Келце имаше акција за победа, но Душебаев не реализираше и следуваа удари од седум метри. Барса ги погоди сите удари, а Алекс Душебаев не реализираше, а по голот на Фабрегас, каталонскиот гигант можеше да почне со славјето.

Најдобри стрелци кај победникот беа Гомес со девет гола, како и Мем и Н’гесан со по пет погодоци, а голманот Де Варгас имаше 13 одбрани, од кои една беше клучна по пеналот на Душебаев. Кај Келце по четири гола дадоа браќата Душебаеви, Вујовиќ, Морито, Кулеш и Каралек.