Со автостоп тргна на пат околу светот, сега стана селектор!

Шведскиот портал „Handbollskanalen“ откри дека поранешниот ракометар Ким Егдал Ду Риц стана селектор на Хонг Конг.

33-годишниот Швеѓанец, кој во 2020 година како играч на францускиот ПСЖ реши да ја заврши кариерата, оттогаш живее на Азискиот континент и се посвети на студиите.

На кратко се врати на терените во 2021 година, кога одигра неколку меча за Рајн Некар Левен, кој тогаш имаше проблеми со повредени ракометари.

„Пред две години видов ракометен терен во градот, отидов да вежбам, а еден дечко ме препозна. Стануваше збор за репрезентативец на Хонг Конг и ме праша дали сакам да му се придружам на националниот тим. Ракометот овде е на ниско ниво. Мислам дека немаме шанси со елитни репрезентации. Затоа ќе се потрудиме да изградиме нешто од почеток“, вели Ду Риц.

Пред настапите за ПСЖ, шведскиот ракометар исто така ја прекина кариера и реши да живее авантуристички, односно да патува низ светот со автостоп.