Словенците со луда тактика: Пикер? Фала, не е потребно! (ВИДЕО)

Словенечката ракометна репрезентација одлично го стартуваше Мундијалот забележувајќи две победи во првите две кола.

Ракометарите на Урош Зорман одиграа како по ноти најпрво совладувајќи ја Саудиска Арабија во првото коло, а потоа во една импресивна партија го демолираа домаќинот Полска и најавија борба за висок пласман на Мундијалот.

Покрај одличната игра, Словенинците го привлекоа вниманието на светската ракометна јавност со „лудата” тактика која ја применија на натпреварот против Полска.

Иако има играчка предност на теренот, тие неколкупати се решија да не ги користат офанзивните услуги на својот пикер Блаж Благотиншек кој буквално остана на својата половина додека траеше словенечкиот напад. За таа интересна ситуација објаснување даде и самиот Благотиншек.

На нашите брзи ракометари им е полесно да играат без пикер, бидејќи така ќе  има повеќе простор за игра. Понекогаш ние пикерите со нашата габаритност сме само дополнителен проблем за нашите брзи ракометари, па затоа се одличивме за таков потег, односно останавме на средината од теренот. Што да кажам.. ќе треба да го прашате нашиот тренер. Таква е нашата игра. Да, можеби ќе имав и јас чисти позиции при тие напади, но немам никаков проблем со таа тактика-заврши Благотиншек.

Словенија во последното коло од групната фаза силите ќе ги одмери со селекцијата на Франција.