Словенија загуби и ја прати Данска во полуфинале на ЕП!

Репрезентацијата на Словенија во последното, 3. коло од групната фаза на Европското првенство загуби од Унгарија со 29:25. Ваквиот исход најмногу и одговараше на Данска, која е последниот полуфиналист на ЕП, откако претходно Норвешка од првата група, како и Франција и Црна Гора од групата која се игра во Скопје обезбедија пласман меѓу најдобрите репрезентации.

Првото полувреме мина во егал и ниту една од двете репрезентации не успеа да се одлепи на поголема разлика од два гола. Ракометарките на Драган Аџиќ имаа одлично отворање на натпреварот и по пет минути игра дојдоа до водство од 4:2. Сепак, Унгарија не дозволи Словенија да создаде поголема предност, израмни на 4:4 и до крајот на првиот дел одржуваше минимална предност, но не поголема од еден гол.

Унгарија во неколку наврати имаше и два гола разлика, водеше со 9:7, 10:8, 11:9, 12:10 и 13:11. Словенките во финишот од првите 30 минути ја зацврстија одбраната и успеаја целосно да се вратат во игра. По големата борба во „Стожице Арена“ резултатот на полувреме беше нерешен, 14:14.

Како во првиот, така и во вториот дел двата табора влегоа во брз ритам, наизменично постигнаа неколку брзи гола, па така резултатот во 40 минута беше 19:19. Словенија со голот на Лепоја го презеде водството, поведе со 20:19, но брзите ракометарки на Головин со пет гола во низа направија целосен пресврт, ја презедоа предноста и во 45 минута ги имаа највисоките дотогаш четири гола разлика, 24:20.

Словенија никако не можеше да се врати во дуелот и речиси осум минути беше без постигнат гол. Кризниот период во таборот на Словенија беше прекинат со голот на Омореги во 48 минута за прекинување на одличната серија на Унгарија од 5:0 и намалување на негативата на 24:21. Реализаторски расположена беше Катрин Клујбер, која ја водеше својата репрезентација до сигурна победа.

Унгарија во последните десет минути влезе со предност од 25:21 и тука веќе беше јасно дека Словенија сѐ уште е недорасната за пласман меѓу најдобрите четири репрезентации, барем засега. Словенија имаше краток залет, намали на 26:24, откако претходно Унгарија имаше 26:21, но во финишот немаше сили за надигрување против денес, расположените ракометарки на Унгарија, кои ја прославија првата победа во главната фаза на ЕП. На две минути пред крајот Лукач постигна гол за 28:25 и тука беа завршени сите големи надежи на еден од домаќините на континенталниот собир.