Скубе: Шоуто може да почне – за мене ова ќе биде специјален натпревар

Европскиот првак Вардар вечерва ќе го одигра првиот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите.

Ривал на „црвено-црните“ ќе биде Мешков Брест, а меѓу ракометарите на белорускиот тим е Словенецот Сташ Скубе.

Тој мина две сезони во Вардар и освои една титула во ЛШ и една во СЕХА лигата. За средниот бек овој натпревар ќе биде специјален.

„Шоуто може да почне. Имавме добри резултати во подготвителниот период, но сега следува она вистинското. За да се победи во Лигата на шампионите, потребно е да се има и квалитет и карактер. За мене мечот со Вардар ќе биде од посебно значење бидејќи минав две прекрасни сезони во овој клуб и се уште имам многу пријатели таму“, истакна Скубе.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар ќе се игра вечерва од 18:45 часот во салата „Викторија“.