Скопје го победи Вардар Неготино, остана во чекор со Шампион

Ракометарите на Скопје 2020 останаа во трка за првото место во плеј-офот откако денеска го совладаа Вардар Неготино на свој терен со 27:23.

Ракометарите на Скопје 2020 беа подобриот противник во текот на целата средба така што немаа проблеми за да се изборат за триумф. Имаа повеќе од играта и успеаја да стигнат до предност која беше и повеќе од доволна за да може да се дојде до трите поени.

Првото полувреме мина во израмнета игра. И двете екипи имаа свои моменти во кои нијанси решаваа за тоа кој има предност. Сепак, израмнетата игра не даде плус за никого, па на одмор се замина со нерешени 13:13.

Вториот дел од натпреварот донесе поинаков тек на настаните. Домашните ја презедоа контролата на овој дуел, па како одминуваше времето така стануваше јасно дека Скопје ќе нема проблеми за да дојде до триумф. Разликата постојано беше 2-3 гола и ракометарите на Скопје имаа целосна контрола.

На крајот предноста беше и четири гола, 27:23 така што Скопје стигна до важни бодови со кои трката за првото место продолжива. Со оваа победа Скопје 2020 остана втор на табелата и со шанси за да стигне до директен опстанок. Тоа ќе биде познато после одигрувањето на последното коло во кое тимовите на Скопје и Шампион ќе имаат директен дуел.

СКОПЈЕ 2020 – ВАРДАР НЕГОТИНО        27:23 (13:13)

Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Судии: Иво Георгиевски и Игор Наумовски од Скопје. Делегат: Златко Локвенец од Скопје.

СКОПЈЕ 2020: Стојкоски, Михајловски, Трајчевски, Трифуновски, Чакалиќ 6, Киселовски 7, Пешевски, Блажевски, Грујовски 3, Мирчевски, Димчевски 1, Благопетров 3, Калајџиоски 2, Мишевски 5, Атанасовски.

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 6 мин.

ВАРДАР НЕГОТИНО: Митевски, Стаменов, Јефремов, Божиновски 1, Недев, Ристов, Бој. Трпески, Бор. Трпески 3, Кузманов 7, Ристовски 5, Пеовски 2, Опрешков 5, Најдов, Ѓорѓев, Петров.

Седмерци:7/8, Исклучувања: 14 мин.