Скандал во босанското првенство: Странци играле без дозволи за престој!

Службата за работа на странци, како организација која врши надзор и контрола при престојот на странските државјани во Босна и Херцеговина открила бројни неправилности во регистрираните играчи и тренери во клубовите од Премиер лигата во Босна.

После направената контрола на странските државјани им биле одземени документите бидејќи не поседувале дозвола за престој во државата и сега им е забрането да се занимаваат со спортски активности во државата.

Токму ова е и причината што во вчерашното 23. коло од првенството повеќе клубови играа без стандардните првотимици, некои беа и без тренери. Според неофицијални информации голем број играчи во текот на оваа недела ќе добијат документ во кој ќе стои дека веднаш мора да ја напуштат Босна. Тоа значи дека клубовите нема да можат да сметаат на нивните услуги.

Медиумите во Босна истакнуваат дека е чудно што некој се одлучил на ваква контрола откако се одиграле цели 22 кола, реакција од Ракометниот сојуз на Босна засега нема. Ништо помалку виновни не се ниту клубови кои на време не ги обезбедиле сите потребни документи.