Си замина од клубот затоа што тренерот ја форсира неговата девојка на истата позиција

Мартин Амброс втора сезона е на клупата на Ростов Дон, а го продолжи договорот и за наредната сезона. Неговото продолжување на тренерската позиција предизвика неколку заминувања од екипата.

Прва повлече нога десното крило Марина Судакова, која во интервју за рускиот „Брз центар“ зборуваше за причините поради кои заминува од Ростов и за трансферот во ЦСКА Москва. Покрај неа од Ростов заминаа и голманката Ана Седојкина, левиот бек Луис Абинг, пикерот Јулија Бенке…

„Едноставно е, уморна сум од седење на клупа како замена за Јулија Манагарова. Желбата за промена е присутна подолго време, веќе сфатив дека нема што да чекам повеќе. Тренерот Амброс и верува на Јулија, а јас само седам на клупата и ракоплескам. Не е важна мојата работа на тренинзите, можност да покажам што знам добивав против најслабите противници како Мајкоп и Ижевск. Се разбира дека не беше лесна оваа одлука, во Ростов ја започнав кариерата и поминав толку години. Се надевав дека односот од тренерот ќе се промени, но не се случи тоа. Доколку Мартин Амброс не го продолжеше договорот, веројатно ќе останев во Ростов Дон“, рече Судакова за „Брз Центар“.

Јавна тајна е дека Јулија Манагарова, конкурентката на Судакова на десната крилна позиција е во врска со тренерот Амброс, па иако тоа руските медиуми ниту самата ракометарка не сакаат да го потенцираат тој факт, сепак јасна е причината за нејзиниот револт и нејзиното заминување од Ростов.

Трансферот во ЦКСА Москва значи повторна соработка со тренерот Јан Лесли кој во минатото кога и беше тренер на Ростов изјави дека не му е потребна во екипата.

„Се надевам дека мислењето на Јан за мене е променето. Сè уште не сум разговарала со него лично, штотуку ми испрати порака за добредојде. Одам во нов тим и ќе покажам што знам. Можеби досега тренерот нема видено сè од мене во Ростов“, додаде Судакова.

Пред Мартин Амброс да ја преземе репрезентацијата на Русија таа беше дел од неа и освои златни медали на Светското првенство во 2009 година во Кина и на Олимписките игри во Рио во 2016. Исто така има сребрен медал од Еврпоското првенство во Франција во 2018 и бронзен од Европското во Македонија во 2008 година.