Симиќ прослави 100 гола во лигата, а Тиквеш го доби дербито во Кавадарци

Одличната игра на Тиквеш во периодот од 9 до 19 минута беше клучен за триумфот на кавдарчани од 28-24 (14-9) против Охрид. Од негатива 3-4 Тиквеш направи серија од 5-0 со која домашните поведоа со 8-4. По тој период тешко им беше на гостите да се вратат во игра, а многу полесно на домаќините, кои имаа мотив и поддршка за втор триумф во плејофот.

Страхиња Симиќ на дуелот со Охрид постигна седум гола со што ја надмина бројката од 100 гола во првенството на Мaкедонија и сега има 106 постигнати голови. Пет од головите ги постигна во првото полувреме, а два во второто.

На крајот од мечот имаше и драма бидејќи Охрид намали на 24-21 како најава за можен пресврт, но потоа за 20 секунди Тиквеш повторно ги реши дилемите. Со новите три бода Тиквеш се зацврсти на третото место на табелата со седум бода, пет помалку од Вардар и Еурофарм Пелистер, а еден повеќе од Алкалоид.

Дербито во Кавадарци беше само во првите десет минути од мечот кога гостите водеа, а доашните се обидуваа да израмнат. И така се до 9 минута. Потоа на сцена стапија домашните ракометари со серија што им донесе водство. Во првото полувреме гостинскиот тренер Горан Андоновски двапати мораше да бара за седум минути, но ниту тоа не ги смени многу работите на терен.

Разликата до пет гола што првпат домаќините ја имаа 23 минута остана и н аполувреме, иако Охрид намали на 12-8 и 13-9. Во последната секунда од првиот дел Кристијан Анастасовски зголеми на 14-9.

Охрид немаше решение за играта на Тиквеш, па од 35 минута кога Симиќ првпат зголеми на „плус 6“ за 16-10, потоа домаќините зголемија на 20-11 во 42 минута. Тоа беше период кога Тиквеше веќе размислуваше дека трите бода ќе ги освои. Но, тогаш почна да се случува нешто поинакво на терен. Од водство 22-14 за Тиквеш следуваше серија на гостите. Полека, полека се топеше и дојде до 24-21 во 55 минута, после реализираниот гол на Бојаниќ од пенал.

Драма имаше во салата „Јасмин“, но потоа за 20 секунди со головите на Димовски и Кондев кој украде топка и во контра погоди за ново водство од 26-21 на четири минути до крај на средбата. Охрид играше без голман, но погреши, па Петровиќ ја погоди празната мрежа за водство 27-21. Дилемите беа решени околу победникот.

Во тимот на Тиквеш најефикасен беше Страхиња Симиќ со 7 гола, а Кристијан Анастасовски, Арнад Хамзиќ и Лазар Петровиќ дадоа по четири голови. Владимир Бојаниќ даде седум гола за Охрид.