Симиќ откри: Имав контакт со Вардар, но не и конкретна понуда!

Репрезентацијата на Црна Гора на Светското првенство 2023 ја мина главната фаза, но не направи забележителен успех.

Избраниците на Зоран Рогановиќ завршија на 18. позиција на Мундијалот од вкупно 32 учесници.

Еден од предводниците на црногорската селекција во пласманот во втората фаза на шампионатот беше искусниот голман Небојша Симиќ, кој заедно со екс голманот на Струга, Никола Матовиќ ја сочинуваа голманската позиција кај Црна Гора.

Членот на Мелсунген во текот на денешниот ден преку социјалната мрежа Инстаграм одговараше на прашањата поставени од фановите, а на едно од прашањето одговори дека имал понуда од македонскиот шампион Вардар.

Од раководството на Вардар за услугите на Симиќ биле заинтересирани пред пет години, односно во сезона 2018/19, кога ,,црвено црните” ја освоија втората титула во Лигата на шампионите.

,,Голем поздрав за Македонија. Пред пет години добив повик, но не и конкретна понуда. Вардар е големо име, но му треба стабилност. Македонија е земја која заслужува клуб, кој ќе ја нападне титулата во ЛШ. Плановите за иднината сега за сега ми се поврзани со Германија”, напиша Симиќ.

Голманот на Црна Гора во својата кариера го носеше дресот на Кристијанштад, Малме, Лунд, Ловќен и Морнар Бар. За Мелсунген настапува од 2017 година.