Серафимов го водеше дебитантот до триумф над Јуниор КВ

Дебитантот во Првата лига, Алкалоид, со победа го заврши настапот во регуларниот дел во прволигашкото друштво откако на свој терен обезбеди лесен триумф против Јуниор КВ со 33:25. Двете екипи веќе обезбедија пласман во плеј-оф фазата во Првата лига.

Ракометарите на Љубомир Савевски уште од самиот почеток ја диктираа играта и имаа целосна контрола на резултатот. Домаќинот имаше одличен старт на средбата и водство од три гола позитива, 6:3. Првите шест погодоци за домашниот состав беа дело на шест различни ракометари, Симоноски, Ѓорѓиев, Серафимов, Илиески, Тодески и Кофилоски. По десет минути игра, Алкалоид имаше водство од 8:3, па следуваше тајм-аут од Јуниор КВ.

Јуниор КВ имаше краток блесок, намали на три негатива, 8:5, но до крајот на првото полувреме заостануваше на резултатска негатива од три до пет гола разлика. Домашните ракометари на пауза заминаа со солидна залиха од 17:13.

Алкалоид во второто полувреме со серија од 4:0 се одлепи на седум позитива, 21:14. Предноста од седум гола разлика за домаќините беше сосема доволна рутински да ги одработат последните дваесетина минути.

Во 50. минута ракометарот од Јуниор КВ, Андреј Крстевски заработи црвен картон поради трите исклучувања. Како што одминуваше времето, така Алкалоид ја зголемуваше својата предност, а крајниот епилог од средбата во СЦ „Борис Трајковски“ беше 33:25 за Алкалоид.

Предводници во победничката екипа беа двајцата репрезентативци на Македонија, Мартин Серафимов со десет и Игор Ѓорѓиев со шест погодоци. Во екипата на Јуниор КВ најефикасни беа Горан Печенковски со осум и Игор Илиевски со седум погодоци.