Селекторот на Црна Гора говори со респект: Рогановиќ најави борба против сите

Репрезентацијата на Црна Гора е еден од противниците на Македонија на Европското првенство кое во јануари во 2022 ќе се одржи во Унгарија и Словачка.

Селекторот на оваа репрезентација, Зоран Рогановиќ ги сподели првите импресии после ждрепката. Најави борба на секој натпревар, но покажа и респект кон секоја репрезентација во Групата А.

„Имавме можност да играме против сите репрезентации кои ќе бидат наши противници во групата. Добивме многу тешка група, таа е слична и на групата во која бевме на претходното Европско првенство во Грац. Ќе биде тешко да играме против реномирани противници, можеше да биде полесно, но и потешко. Сепак, за тоа не треба да трошиме многу зборови, туку да се подготвиме психички, а потоа и тактички и физички за предизвикот. Мора да најдеме начин да ја поминеме групата и да одиме во главната фаза, мислам дека имаме шанси против овие ривали. Доколку се пласираме во главната фаза, мислам дека ќе ни биде полесно отколку во групната фаза, но знаеме дека приоритет е да одиме чекор напред и прво да ја поминеме групата. Сите противници се силни, многу пати биле на завршницата од европските натпреварувања, нема да калкулираме и да избереме кој противник е најсилен и да се штедиме во тој дуел. Мора да бараме шанса против сите  противници во групата и за тоа ќе се подготвуваме во текот на летото”, изјави Рогановиќ.

Црна Гора во својата историја има пет учества на Европските првенства.