СЕДМЕРЕЦ: Стара школа

„Грмна“ самба во Автокоманда, се поднови „лијепа наша“ Битола, а потоа Вардар стапи на сцена...

1.Пораката од Автокоманда

И кога нема ракомет, на македонската ракометна сцена има доволно збиднувања што го окупираат вниманието. Додека ја чекаме разврската за вајлд картите, стандардно деновиве се занимаваме со засилувањата, плановите и проекциите, посебно интересни оние на водечката тројка на релација Скопје-Битола. Прво изненади Металург со бомбастичната серија странски засилувања, „грмна“ и самба од Автокоманда и јасна порака дека „металурзи“ ќе се борат за враќање на старите позиции. За новата сезона се поднови и „лијепа наша“ Битола, а потоа и Вардар стапи на сцена…

Од оваа перспектива, првиот чекор на Металург во нова насока беше направен уште лани со ангажманот на Зоран Кастратовиќ на клупата. А, сето тоа пролетва доби и многу поконкретна физиономија и според потезите, стабилна финансиска поткрепа. Кастратовиќ е тренер кој овде е повеќе од две децении и многу добро ги познава македонските прилики и неприлики. Има искуство и квалитет да го искористи целиот потенцијал и да направи резултат. Во Автокоманда има добра база и поддршка, а сега веќе и конкурентен состав. Металург во новата сезона ќе стартува со тим добро покриен на сите позиции, посебно на клучната бековска линија, засилена со доаѓањето на Потиќ, Тешеира и Рниќ. „Металурзи“ ќе го имаат и Канкараш на линијата, а може и Здрахала и Георгиевски кои засега се уште се „во најава“. Во обратна насока од Автокоманда заминаа тројца репрезентативци – Марио Танкоски, уште од лани „таксан“ во Еурофарм, Филип Арсеновски во Еурофарм Пелистер 2 и Томи Јагуриновски, повратник во Вардар.

Иако новите збиднувања во Автокоманда, на прв поглед изгледаат како значајно свртување од курсот што го имаше Металург во изминатите години како клуб кој после големата криза главно се базираше на млади талентирани домашни играчи, сепак и Кастратовиќ и управата на клубот потенцираа дека базата останува, а странските засилувања се само надградба за остварување на повисоки цели, во домашното првенство и во Европската лига.
Реалните услови и можности, базирани на искуство. Ако тоа се реализира, успех сигурно нема да изостане.

2. „Лијепа наша“ Битола

Целите и амбициите одат во нагорна линија и во ракометна Битола. Пред една година, тогашен Еурофарм Работник целеше и успеа да го симне Металург од вицешампионската позиција и да ги заземе местото во ЛШ и во СЕХА. Сегашен Еурофарм Пелистер има желба и амбиција и седната сезона да биде дел од Лигата на шампионите со вајлд карта, а дома рамноправно да атакува на шампионската позиција на Вардар.

Ослабнат Вардар по кризата и трансформацијата од една страна, засилен Еурофарм Пелистер од друга страна – шанса за титула. Отприлика така некако одеа математиките.

Во меѓувреме и во Битола се смени првично пропагиранта концепција за силна репрезентативна база. Дојде Танкоски, но замина капитенот Никола Митрески, а Еурофарм Пелистер потоа ја загуби трката за враќање на Филип Талески. Од битолскиот тим освен Митревски, си заминаа и Јотиќ, Остроушко и Шевелев, а од Бундеслигата дојде Јосип Периќ.

Капитеалецот на битолчани во пролетното пазарење сепак е хрватскиот репрезентативец Стипе Мандалиниќ. Иако повредите лани значително го лимитираа, името е звучно и Хрватот би требало да биде главен адут на тренерот Жељко Бабиќ. Хрватската колонија во Битола за следната сезона ќе биде дополнета и со младиот десен бек Матео Мараш, а во најава е и трансфер на хрватскиот пикер Томислав Кушан.

Во „лијепа наша“ Битола според најавите, летово треба да пристигне и едно засилување на голманската позиција. Дали тоа ќе биде доволно во битката Битола да го преземе приматот од Скопје и титулата од Вардар? Теоретски не е невозможно, но практично ќе биде тешко остварливо. Особено сега кога Вардар пак фаќа сигурен тек.

3.Решено-сторено, филтрирано-трансформирано

Само тие што не го знаат можеа да се посомневаат дека Михајло Михајловски со Вардар нема го оствари тоа што го замислил. Долгогодишниот прв човек на „црвено-црните“, од 1 јуни и официјално се враќа на старата позиција, а во меѓувреме го враќа и разнишаниот шампион во стабилен колосек.

Трансформирано, филтрирано, на крај сепак, решено-сторено!

Во однос на конструирањето на составот, по првиот филтер, во Вардар остана костурот на екипата Стоилов – Чупиќ – Дибиров и останаа Борко Ристовски и Марко Мишевски. Дојдоа плус Томи Јагуриновски и Филип Талески, најавен е и младиот Ненад Костески во реализација на планираните 50-50, и враќање на фокусот на македонските репрезентативци во „црвено-црниот“ дрес, како што рече Михајло Михајловски.
Во втората 50-ка, дел од новиот состав на Вардар, веќе потврдено, ќе биде францускиот голман Кантегрел. Од претходно најавен е рускиот бек Санталов, а како потенцијални засилувања се вратат уште неколку имиња.

И најново деновиве посебно актуелно е дека „не е исклучена можноста“ по трет пат на клупата на Вардар наскоро да се врати и Вујо мајсторе, сега ослободен од обврските во Загреб, а секогаш врзан за Вардар и за вардаровите навивачи. Вујовиќ го врзува долгогодишно пријателство со Михајловски, но и долгогодишно пријателство и соработка со Стевче Алушовски, што за клубот би можело да биде двојна добивка.
Михајловски го презема Вардар како нов правен субјект – Вардар 1961, првенствено како правна заштита од долговите на старата раководна гарнитура. Со додавање на годината кога е основан клубот, Михајловски воедно, потсети дека Вардар е клуб со 60-годишна, а не со 6-годишна традиција. Суптилно, ама ефектно.
Добра стара школа, би рекол некој.