СЕДМЕРЕЦ: Дуелот на селекторите

Ремито во Кавадарци најавува интересна и неизвесна македонска ракометна пролет

1.Аутсајдерот и фаворитот „пата-пата“

Тиквеш со поранешниот и Алкалоид со актуелниот македонски селектор на клупата, одиграа нерешено на отворањето на плеј-офот и најавија интересна и неизвесна македонска ракометна пролет.

Токму тренерската „пресметка“ на Данило Брестовац на едната и на Кирил Лазаров на другата страна, му даде дополнителен „шмек“ на дуелот во Кавадарци. Однапред поделените улоги на аутсајдери и фаворити, пак, уште повеќе го ставија во фокусот на интерес дуелот кој во други услови би бил само едно од оние многуте плеј-оф „дерби средби“ од средината на табелата.

Како и да е, дуелот на селекторите ја наполни салата во Кавадарци и сигурно стана еден од најгледаните суперлигашки мечеви на националниот сервис сезонава. Мерено „рачно“, според тоа како „фрчеа пораки“ за секоја одбрана, гол, чекори, седмерци, тајм-аути…

Што видовме на дербито?

Неизвесен натпревар, пресврти, малку искри брзо згаснати, фудбалски стајлинг, дрвен стол и интересни тајм-аути и за слушање и за гледање…

И силна мотивација и борба до последна секунда. Нешто што често ни недостасува(ло) во репрезентативните настапи и со едниот и со другиот селектор, особено на последните четири европски и светски првенства. Се разбира, не е исто клуб и репрезентација за да се споредува, ама има логика и констатацијата дека репрезентацијата сама по себе е мотивација, а овде се вкрстува тренерската умешност на двајцата последни македонски селектори. Или тренерски, тоа треба да е „најдоброто од Македонија“ во последниве години, според шансата што ја добија двајцата во македонската репрезентација.

2.Стариот добро загреан, новиот на „тенок мраз“

Тиквеш со Брестовац, или обратно, покажа дека и со релативно лимитиран ростер може успешно да се парира на противник кој во дуелот влегува како фаворит, според резултатите и пласманот во првиот дел од сезоната и според бројот на репрезентативци во составот. И не само успешно да се парира, туку со добро поставена одбрана и да се преземе иницијативата, да се води во поголем дел од мечот,  да се атакува на победа и да се извлече реми во финишот.

Иако српскиот интернационалец Страхиња Симиќ е главниот носител на играта во кавадаречкиот состав, сепак, во вчерашниот дуел се покажа и дел од македонскиот потенцијал.

Голманот Марјан Велков беше еден од клучните играчи на Тиквеш и неочекувано испадна голем адут на Брестовац.

Поранешниот играч на Алкалоид, Мартин Димовски, ненаметливо решаваше ситуација и во оваа пресметка беше посигурна и поефикасна опција на десната страна во Тиквеш од репрезентативната во Алкалоид.

Кристијан Анастасовски заврши голема работа на линијата, можеби и дополнително мотивиран да покаже дека не заостанува зад целата онаа плејада пикери што довиваат предност во репрезентативната селекција.

Дарко Кондев безмалку 60 минути успешно го реметеше нападот на Алкалоид, а изгледаше дека без проблем може да го ремети уште 120 ако треба.

Можеби сите заедно и дополнително мотивирани да докажат пред селекторот и да покажат дека во Македонија има ракометен потенција и малку повеќе „плус“ од онаа алиби реплика – нема кој, „плус-минус“ тие се…

Брестовац во полна зимска опрема, влезе „лизгачки“ во дуелот и го стави својот селекторски наследник на „тенок мраз“ во плеј-офот. Ризикуваше со агресивна зона во одбраната и доби предност во поголем дел од натпреварот, а Тиквеш некако успеа да го издржи темпото дури и во кризните моменти кога ги стигна заморот во вториот дел. До столот ќе да е…

На другата страна, Алкалоид со целиот репрезентативен погон на располагање, покажа дека може да се врати од негатива и да направи пресврт, но не и доминантно да ја задржи предноста. Барем не вчера во Кавадарци. Можеби проблемот е во притисокот и во очекувањата, а можеби и во оној „приватен ракомет“ што го играат. Не е измислена фразата, така ги искара Лазаров своите играчи на еден од тајм-аутите.

Имаше и плусови и минуси кај новакот во плеј-офот. На пример, новото засилување на Алкалоид од Пролет, Иван Џонов, се покажа како добра инвестиција, беше најконкретен во решавачките напади на гостинскиот тим и заврши како најефикасен.

Искусниот Благојче Трајковски реално, го спаси Алкалоид од пораз во Кавадарци. Младиот Иван Галевски, пак, иако имаше незабележителна минутажа на голот, сепак со оној одбранет седмерец кој лесно можеше да биде и победнички, се потврдува како еден од оние реалните потенцијали.

Од репрезентативните плејмејкери Игор Ѓоргиев и Марко Митев и понатаму се очекува многу повеќе од она што тие го испорачуваат. Не се снајдоа најдобро против агресивната одбрана на Тиквеш на стартот, малку посигурно и поефикасно одиграа во продолжението кога Алкалоид ја презеде иницијативата. И двајцата постигнаа по пет гола или заедно вкупно, речиси една третина од вкупните 31 на Алкалоид, за крајна оценка солидно.

Првиот стрелец на Алкалоид во „регуларниот“ дел од сезоната и прв избор на десен бек, Мартин Серафимов, на овој меч речиси и да не беше посериозна закана по голот на Тиквеш, што му остави простор на Брестовац на тајм-аут дури и да го пренасочи вниманието на одбраната на другата страна.

На крај сумирано – Тиквеш го прослави ремито како голем триумф во натпревар кој можеше да го добие, но во последните секунди и да го загуби. Алкалоид освои бод на гостински терен, но сигурно загуби два планирани, па оттаму ремито и не им беше многу за радување. А, сигурно го зголемува и притисок со кој треба да се носат и тренер-селекторот и новиот суперлигаш во штотуку почнатиот плеј-оф.

3.Вистинската сезона сега стартува

На стартот од плеј-офот ред е да се споменат и другите два одиграни натпревари од првиот круг, иако викендов тие „паднаа“  во сенка на „селекторското дерби“ во Кавадарци.

Двата битолски тима имаа половичен учинок. Вицешампионот Еурофарм Пелистер наиде на силен отпор на гостувањето кај Бутел, но на крај битолчани рутински славеа победа. По поразителниот старт во СЕХА и лошиот настап во Европската лига, „кикс“ во Бутел ќе беше премногу и за Валтер и за Еурофарм Пелистер.

За разлика од првиот тим кој во плеј-офот стартуваше победнички, „двојката“ на Еурофрам Пелистер во Битола остана со празни раце. Охрид стартуваше добро подготвен и освои важни стартни бодови на тежок терен.

„Брејкот“ во Битола и ремито во Кавадарци најавуваат интересна и неизвесна завршница на сезоната во македонската Супер лига. Или, во она што реално е или по систем на натпреварување – би требало да биде најсилната македонска ракометна лига со најдобрите осум колку што и реално имаат капацитет и квалитет да настапуваат во највисок ранг на натпреварување.

Концентрација на квалитет и борба за титула во текот на целата сезона, наместо проширена лига, расцепкани групи, лесни победи за нереална слика и залудно потрошена половина сезона. Можеби токму тоа ни треба за вистинското добро на македонскиот ракомет.