Светскиот првак не виде мака: Данска ја победи Јапонија со 17 гола разлика!

Светскиот шампион Данска имаше победнички старт на Олимписките игри во Токио, откако во првото коло го совлада домаќинот Јапонија со убедливи 47-30.

По пет минути игра веќе беше 5-0 и стана јасно дека ќе гледаме игра на мачка и глушец. Гидсел, Ландин и Андерсон стрелаа за 9-1 уште и го направија натпреварот неинтересен уште од стартот.  До крајот на првото полувреме предноста на светскиот првак се искачи на плус 11, па на пауза се замина со 25-14.

Второто полувреме беше чиста формалност. Селекторот Николај Јакобсен им даде шанса за настап на сите ракометари, но предноста не намали, туку само се зголемуваше до конечните 17 разлика, 47-30.

Голманите Ландин и Мелер си поделија по едно полувреме и имаа двајцата по девет одбрани, а во листата на стрелци не се запиша само Олсен, кој доби поштеда. Најдобри стрелци беа Холм со девет и Саугструп со осум погодоци. Во составот на домаќинот на ОИ се истакна Мотоки со осум гола.