Сведоштво на ракометар на Мотор: Борбени авиони ни летаат над главите, моите соиграчи може да одат во војска!

Шпанскиот ракометар на Мотор Карлос Молина за „Марка“ ја раскажа ситуацијата во која се наоѓаат во овие моменти во Украина.

Мотор по гостувањето кај Келце во Полска требаше да се врати во Запорожје, меѓутоа авионот во текот на враќањето бил пренасочен за Киев поради воената операција која Русија ја започна во Украина.

За „Марка“ Молина раскажа детали низ што се поминуваат.

„Со чартер се упативме назад за Запорожје. Кога требаше да слетаме на капетанот на авионот му беше кажано да продолжи кон Киев. Се очекуваше за два часа да заминеме за Запорожје, но бевме информирани за итна евакуација од аеродромот во Киев. Уште на паркингот слушавме татнежи од бомбардирање, видовме и руски борбени авиони какко ни летаат над главите. Не знаевме што да правиме, се обративме на менаџерот да пронајдеме решение. Три часа подоцна стигнавме во хотел каде и што сме сега“.

И од хотелот каде што се сместени се забележува воената состојба.

„Од тука можевме да видиме низа камиони и неколку воени конвои како поминуваат. Слушаме ехо од гранатите. Моите украински соиграчи можат да бидат регрутирани во војската да ја бранат земјата“, потврди Молина.

Како и сите други странци во земјата така и ракометарите на Мотор кои не се Украинци бараат начин да се вратат во своите земји.