Само што се врати дома, доби отказ – Југовиќ го избрка Тихомир Додер!

Новиот суперлигаш во Србија, Југовиќ пред почетокот на српското првенство остана без својот тренер, Милјан Станиќ и неколку играчи. Досегашниот тренер на екипата, Станиќ заминал од клубот поради немањето на слух од страна на управата на Југовиќ за комплетирање на екипата, односно анагжирање на уште неколку нови ракометари.

Дополнителна причина за неговото заминување е отпуштањето на неколку искусни ракометари од страна на раководството на клубот. Дел од новите играчи кои пристигнаа во екипата со цел да помогнат во остварување на амбициите и подобар пласман на табелата не го дочекаа почетокот на новата сезона.

Еден од ракометарите кои беше дисциплиниран од клубот е екс ракометарот на Вардар и Металург, Тихомир Додер. Освен Додер, Југовиќ со отказ ги „почести“ и двајцата искусни ракометари, Бојан Радивојевиќ и Страхиња Травар. Неизвесен е статусот на младиот ракометар, Марко Дошен, но најверојатно и тој ќе добие отказ.

Милјан Станиќ за јавноста напиша соопштение во кое ги обелодени сите информации за неговото заминување од новиот член во Аркус лигата.

„Благодарност до Марко Митровиќ, претседателот на РК Југовиќ, за соработката. Морам да напоменам дека само јас сум виновен што го преземав тимот избран од управата и директорот на клубот, со играчи кои не се подготвени за нивото што го бара Аркус лигата (освен Травар и уште неколку играчи и голмани), и одбивање да ангажирам тројца играчи на кои инсистирав. По сите повреди кои се случија, Управниот одбор отпушти 4 играчи (тие 4 играчи ги избра самиот клуб), така што апсолутно не беше изводливо да се продолжи соработката во лоша атмосфера. Му посакувам се најдобро на клубот во остварувањето на поставените цели“, напиша Станиќ.

Новата сезона во српската Супер лига официјално започнува на 18 септември.