„Сакам да играм што е можно подолго, од тренерската работа сум многу далеку“

Лидерот на репрезентацијата на Швајцарија, Енди Шмид, во интервју за официјалната страна на швајцарската ракометна федерација, зборуваше за дел од неговата кариера, одлуката да го напушти Рајн Некар по 12 години и да направи трансфер во Криенс Луцерн, како и за настапите во својата репрезентација.

Шмид од следната сезона ќе ја засили амбициозната екипа на Криенс Луцерн. Искусниот ракометар како причина за ваквиот изненадувачки трансфер го истакнува своето семејство. Пред да ја донесе конечната одлука, на негова адреса пристигнале уште неколку интересни понуди, но тој цврсто останал на својот став дека треба да се врати во Швајцарија.

„Мојот договор со Рајн Некар истекува ова лето. На семејството и на клубот им требаше прецизност. Така што во август донесовме одлука да се вратиме во Швајцарија. Уште тогаш имав на ум дека сакам да продолжам да играм. Имаше, всушност, уште една или две интересни опции. Но, семејството секогаш ми беше на прво место. Швајцарија е нова земја за мојата сопруга и моите две деца и сакам да поминувам многу повеќе време со нив. На моја ракометна возраст нема смисла да планирам нешто големо. Во август ќе славам 39 години“.

Репрезентацијата на Швајцарија не обезбеди пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка. И покрај неуспехот, ракометарите на Швајцарија веќе се насочени кон остварување на следната мисија, а тоа е учество на Светското првенство во 2023 година.

„Секој настап за швајцарската репрезентација е големо искуство. Сега во тимот има многу млади ракометари кои се амбициозни. Нашиот селектор ја донесе потребната професионалност во тимот. Сакам да играм за репрезентацијата што е можно подолго. Се надеваме дека ќе успееме да стигнеме до уште еден врвен турнир. Со мојата одлука да продолжам да играм, мојот чекор кон тренерската работа е многу далеку“.

Плејмејкерот потекнува од Грасхоперс, играше за Амичитија Цирих, а една сезона мина и во данскиот Силкеборг пред трансферот во Германија.