Савевски прозиваше – Отпаднаа две ракометарки, дополнителен повик за Чурлиновска

Женската сениорска репрезентација на Македонија го имаше првиот собир пред двомечот со Словенија во рамките на ЕХФ Евро Купот.

Селекторот Љубомир Савевски ќе смета на 20 ракометарки за дуелите во Целје и Скопје, откако од списокот отпадна левиот бек Марија Штериова поради повреда.

Голманката Марија Јовановска поради болест исто така нема да биде на овој собир, па друштво на Јована Мицевска и Драгана Петковска ќе им прави голманката на Деспина, Матеа Чурлиновска.

На првиот собир не беа присутни Јована Мицевска и Леонида Гичевска, кои настапуваат во Франција и ќе се приклучат вечерва.

По првиот тренинг вечерва, ракометарките ќе имаат двојна програма во текот на утрешниот ден, како и утрински тренинг во среда пред заминувањето до Загреб со авион, а потоа со автобус до крајната дестинација Целје.

Првиот натпревар меѓу Македонија и Словенија се игра во Целје на 3 март од 18:00 часот, додека реваншот е во Скопје на 6 март од 18:30 часот.