Савевски за 24 Ракомет: Почнавме да градиме нова репрезентација – спој на младост и искуство

Женската сениорска репрезентација на Македонија утревечер од 20:15 часот го игра првиот дуел од ЕХФ Еуро купот, а ривал е Црна Гора, која исто така е домаќин на Европското првенство во 2022 година.

Црногорките ќе бидат одличен тест за девојките кои се најдоа во составот, а се предводени од страна на Љубомир Савевски за кого ова е прва акција со сениорската селекција после одличните настапи на младинската, а особено кадетската репрезентација во текот на летото.

Савевски генерално е задоволен од работата иако има доста за поправање во следниот период.

„Почнавме со градење на нова репрезентација. Имаме млади ракометарки, но и поискусни, меѓу кои и девојки кои досега немаа многу голема минутажа. Сметам дека одбравме добар број на ракометарки кои можат да играат во двата правци. Сега чекаме да се вратат и повредените и да имаме комплетен состав за следните акции. Марија Штериова е исто така во план, но таа е во фаза на заздравување“, вели Савевски за 24Ракомет.

Тојсмета дека составот е добар, но во исто време смета дека овие девојки ќе можат да го дадат најдоброто кога ќе биде најпотребно.

„Имаме сосема солидна екипа, која сметам дека може да им пркоси на многу репрезентации. Мал проблем  е бројот  на поквалитетни ракометарки, но младите сосема солидно го одработуваат она што се бара од нив и доаѓаат. За разлика од други селекции кои имаат сениорска селекција во комплетен состав кај нас е комбинација. Имаме 6-7 кадетки, 2-3 младинки, 2-3 од домашното првенство и девет ракометарки кои играат надвор од Македонија“.

Допрва ќе треба да се гради играта и ќе се очекува излагање на квалитетот на површина, а темелите се поставени.

„Ова е само почеток на нешто кое треба да се прави понатаму. Ова е репрезентација која има сосема нов лик и сметам дека ќе изгледа поинаку. Ќе смениме нешто во неа. Јас сум убеден дека ќе успееме да внесеме промени. Можеби нема да успееме да го направиме тоа веднаш, можеби ќе треба време, но нема да треба многу да се чека. Мораме да работиме. Јас сум убеден дека можеме да го направиме тоа. Со повеќе работа и со тренинзи ќе го достигнеме тоа што е потребно“.

Савевски е задоволен особено од ракометарките кои играат надвор од Македонија. Од нив очекува да останат на високо ниво и понатаму и да бидат носителки на оваа селекција.

„Имаме девојки кои играат надвод од Македонија кои се исклучителни таленти и кои тоа го покажуваат и на терен. Мораме да ги сочуваме, но и бројот да се зголеми. Да стасаат младите на уште повисоко ниво, а ќе работиме и со оние кои остануваат тука. Се наоѓаме во последната фаза на организација. Имаме и услови. Се прават и разговори сите работи што се потребни да се завршат како што се посакува. Сакам тим од 15-16 ракометарки кои ќе можат да влезат во секој момент на терен подготвени да одговорат на задачата. Имаме за цел да ги активираме младите играчи и да се направи максимално позитивна атмосфера. Од РФМ имаме сè што ни е потребно. Имаме сè на располагање. Подготвени сме и треба да го надоградуваме постојано овој тим“, вели Савевски.

Против Црна Гора ќе биде одигран натпревар и в недела на гостински терен, а следната година ќе има натпревари и против Словенија и против Норвешка кои се исто така дел од ЕХФ Еуро купот. Словенија е третиот домаќин на ЕП 2022, а Норвешка е последниот Европски првак.