РФМ парично ги казни Вардар и Еурофарм Пелистер

Финалистите на Купот на Македонија во машка конкуренција, Вардар и Еурофарм Пелистер заедно ќе треба да платат над 100.000 денари заради однесувањето на дел од гледачите во салата „Јасмин“ во Кавадарци. Дисциплинската комисија на РФМ покрена постапка и ги казни двата клуба за однесувањето на навивачите кои предизвикаа прекини на финалниот меч.

Вардар го освои Купот со голот на Филип Талески во последните секунди од натпреварот, што беше 15. Куп титула за „црвено-црните“.

Двата клуба финалисти се жалат на ваквата одлука велејќи сметајќи дека тие воопшто не биле организатори на натпреварот, ниту пак имале обврска да обезбедат редарска служба кој ќе се грижи за редот во салата. Тоа е секогаш обврска на организаторот кој се грижи да нема внесување на премети во салата кои може да бидат искористени за фрлање.

РФМ во одлуката за казнување испратена до клубовите вели дека со оглед на тоа што тие побарале билети од организаторот за навивачите, тие ги организирале околу нивното доаѓање.

Дисциплинскиот правилник на РФМ предвидува и казна за слаба организација на натпреварот на организаторот. Организатори беа РФМ и ГРК Тиквеш.

За слични натпрвари од домашното првенство, на гостувањата на Вардар во Битола и на Еурофарм Пелистер во Скопје каде исто така имаше организирани навивачи, казни добија само домаќините, односно клубовите домаќини. Тогаш двете екипи беа казнети со по 60.000 денари, но не и гостинските кои исто така имаа свои навивачи на трибините.

Поради немање доволно обезбедување во салата, кое не беше поставено на соодветните места на полувреме немаше менување на страните на клубовите, па и двете екипи останаа на своите места. Над клупата на Пелистер беа навивачите од Битола, а на другата страна имаше исто така симпатизери на битолчани кои сепак беа неколку реда повисоко. Навивачите на Вардар успеаја да внесат пиротехнички средства, а редаската служба не ги прегледала на влезот за да ги пронајде и одземе.

Клубовите најавија жалба на одлука на Дисциплинската комисија на РФМ. Истата комисија го казни и Марјан Начевски лани со исклучување од РФМ, а сега во април Арбитражниот Суд на ЕХФ ја поништи истата казна.