Русите категорични – политиката надвор од спортот

Претседателот на ракометниот сојуз на Русија, Сергеј Шишкарев, се обрати до руската ракометна заедница. Тој во својот говор повеќе внимание посвети за квалификацискиот двобој меѓу селекциите на Русија и Полска.

Двете споменати репрезентации првиот натпревар требаше да го одиграат на 3 март во Кошалин, додека реванш натпреварот на 6 март во Русија, односно градот Астрахан, во рамки од квалификациската група 2 за пласман на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Црна Гора и Словенија, во периодот од 4 до 20 ноември.

Сепак, поради воената агресија на Русија над Украина, ЕХФ најави дека украинските клубови и руските клубови, како и нивните репрезентации, своите натпревари ќе ги играат на неутрален терен.

Раководството и Извршниот комитет на ракометниот сојуз на Русија се свесни за неизвесната ситуација во Украина, но сметаат дека е непоколебливо и важно да се почитува принципот на „спортот надвор од политиката“ во нивната работа.

„Ракометниот сојуз на Русија продолжува да ги извршува своите професионални активности во согласност со календарските планови. Ве молиме имајте во предвид дека некои натпревари од рускиот шампионат може да бидат одложени за некој нареден период поради ограничувањата на воздушниот сообраќај. Сепак, убедени сме дека домашните натпревари ќе бидат завршени навреме и во согласност со прописите“, изјави Шишкарев.

Првиот човек на ракометниот сојуз на Русија истакна дека ракометната федерација на Полска испратила барање до ЕХФ за одложувања на двата квалификациски натпревари меѓу руската и полската репрезентација. Во текот на денешниот ден, ЕХФ донесе јасна одлука дека репрезентациите на Русија и Украина своите натпревари ќе ги играат на неутрален терен.

„Нашиот ракометен сојуз е во близок контакт со Европската ракометна федерација и Меѓународната ракометна федерација, кои сè уште не знаат како актуелната ситуација во Украина ќе влијае на нашите активности и интеракција со другите федерации. Веќе е познато дека ракометната федерација на Полска испратила барање до ЕХФ за одложување на двата квалификациски натпревари со руската селекција на неодредено време поради лошата ситуација во Украина и Русија“, вели Шишкарев.

Ракометарките на Русија и Полска би можеле да играат на неутрален терен во Србија или во Словачка.

„Можни се неколку решенија за натпреварот меѓу Русија и Полска , а тоа се: одигрување на двата квалификациски натпревари на неутрален терен во Србија или Словачка или одложување на натпреварите на неопределено време. Веднаш ќе ве информираме за одлуката донесена од страна на Извршниот комитет на ЕХФ“, истакна Шишкарев.

Ракометниот сојуз на Русија препорачува сите претставници на руската ракометна заедница да покажат воздржаност во јавните коментари за моменталната ситуација во Украина.

„Сигурен сум дека со одржување на самоконтрола, смиреност и професионален однос кон нашата работа, меѓусебно поддржувајќи се во нашето ракометно семејство, од секоја криза ќе излеземе уште пообединети и збогатени со ново искуство. Спортот на прво место“, заврши Шишкарев.

Во своето обраќање, Шишкарев изјави дека рускиот ракометен сојуз е подготвен да обезбеди поддршка за клубови, официјални лица, играчи (вклучувајќи ги и странците) во случај на вонредни ситуации.