Ромбел го скрати списокот – Полска со вардарецот Чувара на СП

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Полска, Патрик Ромбел го објави скратениот список на ракометари од кои ќе ги одбере патниците на Мундијалот.

Меѓу избраните ракометари се наоѓа и левото крило на Вардар, Јан Чувара, како и екс членот на ,,црвено црните” Патрик Валчак, кој моментално настапува во екипата на Спортинг.

Списокот е надополнет и со еден од клучните играчи во репрезентацијата на Полска, Симон Сичко, кој сѐ уште е неизвесен за настап на Мундијалот. Покрај 22 играчи за подготвителниот период, искусниот стратег ќе може да смета и на седум резервисти, во случај некој од играчите да се повреди.

Како што е веќе познато, еден од поискусните во полската репрезентација, Камил Шипжак ќе го пропушти Мундијалот поради повреда.

Полска пред стартот на Мундијалот ќе тестира против Тунис, Бразил и Јужна Кореја. Избраниците на Ромбел на Светското првенство, на кое Полска заедно со Шведска се ко-организатори на големиот настан, ќе играат во групата Б заедно со селекциите на Франција, Словенија и Саудиска Арабија.