Романците прават притисок: Динамо Букурешт мора да добие вајлд карта за Лигата на шампионите!

Динамо Букурешт оваа сезона беше дел од групите Ц и Д во Лигата на шампионите, без пораз стигна до осминафиналето, каде што требаше да игра против ПСЖ, но натпреварите беа откажани.

Првото засилување за романскиот тим е десното крило Валентин Јонеа, кој две сезони помина во Спортинг Лисабон.

Романскиот тим ќе аплицира за вајлд-карта за место во елитната конкуренција, а Јонеа вели дека Динамо мора да ја добие.

„Од моја гледна точка, Динамо Букурешт мора да добие вајлд-карта. Како прво, ние сме најдобар тим во Романија, иако не бевме прогласени за шампиони. Мислам дека ЕХФ треба да ги земе во предвид сите фактори – имаме одлични навивачи, лесно е да се стигне до нашиот град, а имаме стабилен буџет во последните неколку години. Мислам дека ќе биде нефер ако ЕХФ им дозволи на второпласирани тимови од нациоаналните шампионати да играат во ЛШ, како Спортинг Лисабон, како ПИК Сегед, кои не заслужуваат повеќе од Динамо, кој беше лидер во Романија. Се надевам дека ЕХФ ќе донесе добра одлука. Лично, сакам да играм уште две години во ЛШ за да комплетирам 15 сезони“, вели Јонеа за „Про Спорт“.

Пријавите за Лигата на шампионите треба да бидат поднесени до ЕХФ од страна на нациналните федерации до 1 јуни, а самите клубови најдоцна до 8 јуни да го потврдат учеството.