Романска репрезентативка позитивна на коронавирус, нема да игра против Македонија

Репрезентацијата на Романија ќе биде ослабена во бараж натпреварите против Македонија за обезбедување место на Светското првенство во Шпанија.

Романките против Македонија ќе настапат без Дарија Букур. Десното крило на Валчеа беше планирана за натпреварите против селекцијата на Македонија, но денес Букур со уште две нејзини клупски колешки, Ирина Глибко и Даниела Марин беа позитивни на Ковид-19. Се очекува на местото на младата Букур да биде повикана Лаура Попа од Рапид Букурешт, иако таа најави дека нема да игра повеќе за националниот тим.

Покрај репрезентацијата на Романија, ослабена ќе биде и самата екипа на Валчеа во наредните натпревари од домашниот шампионат. Трите ракометарки ќе одат во карантин и потоа повторно ќе бидат тестирани на ковид-19.

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Романија се игра во Букурешт на 17 април од 17:00 часот, додека реваншот е на 21 април во Скопје од 17:45 часот. Победникот од дуелот ќе настапи на Светското првенство во Шпанија кое ќе се одржи во периодот од 2 до 19 декември оваа година.