Ристовска најдобра во ЦСКА, но Ростов слави шампионска титула среде Москва!

Сара Ристовска и ЦСКА Москва во реваншот од плеј-офот за шампион на Русија не успеаја да ја надоместат негативата од првиот меч и да стигна до титулата. ЦСКА Москва оствари само минимална победа од 29:28.

Од првиот дуел Ростов имаше добра залиха од пет гола бидејќи славеше со 27:22 и на реваншот покажаа дека во овој момент се поквалитетен тим за освојување на трофејот во домашното првенство.

Сара Ристовска одигра одличен натпревар, таа беше најефикасна во екипата на ЦСКА Москва со седум гола кои ги постигна од десет удари. Сепак доброто издание на десното крило не беше доволно за потребната победа на ЦСКА.

Долго се играше израмнето, а домашниот тим за првпат дојде до повисока предност во 19. минута кога поведе 11:8. Но до полувремето Ростов се врати и го сврте резултатот па на паузата водеше 12:14. Во продолжението гостите имаа контрола на резултатот и со минимален пораз ја освоија титулата.