Ристовска и ЦСКА Москва супериорни против Ростов Дон во руското дерби

Македонската репрезентативка Сара Ристовска заедно со ЦСКА Москва беа супериорни против Ростов Дон со 32:27 во дерби дуелот од рускиот шампионат.

Московската екипа пред својата публика ја запиша седмата победа во новата натпреварувачка сезона и остана единствената непоразена екипа во досегашниот тек од рускиот шампионат.

Ракометарките на Олга Акопјан речиси во најголемиот дел од дуелот ја имаа контролата на теренот, на полувреме заминаа со 13:10 и успеаја предноста да ја сочуват и во вторите 30 минути.

Сара Ристовска одигра 30 минути против Ростов Дон и успеа да постигне два погодоци од четири обиди.

Во следното коло, екипата на ЦСКА Москва ќе го пречека тимот на Ставропол, кој моментално е меѓу последните екипи на табелата во шампионатот на Русија.