Ривалот на Македонија во проблеми – се повредија двајца Данци

Репрезентацијата на Данска која е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство, се соочува со низа проблеми пред стартот на подготовките. Левото крило Емил Јакобсен, за време на натпревар во рамките од Бундес лигата заработил повреда, но од неговиот клуб, Фленсбург, не откриваат дали се работи за сериозна повреда, која би можела да го оддалечи од настап од Европското првенство.

Според информациите на данската телевизија „ТВ2“, Јакобсен заработил повреда на левата нога на загревањето пред дуелот со Лемго. Поради тоа, левото крило цел натпревар го минал на клупата, а во еден момент добил шанса да изведе пенал. Селекторот на Данска, Николај Јакобсен, на левата крилна позиција освен Емил Јакобсен го има и ракометарот на Кил, Магнус Ландин.

Лоши вести пристигнаа и од Алборг каде настапува репрезентативецот на Данска, Рене Антонсен. Искусниот пикер заработил повреда на скочниот зглоб и неговата судбина за настап на Европското првенство не е позната. Во текот на месец ноември, Антонсен ја заработи истата повреда и поради тоа мораше да паузира еден месец. Освен Антонсен, на позицијата пикер во данската репрезентација настапуваат уште Магнус Саугструп, Симон Халд и Хенрик Тофт Хансен.

Данска на Европското првенство 2022 во рамките од Групата А во првата фаза ќе се соочи со Македонија, Словенија и Црна Гора.