„Рибарите“ со респектабилен тим патуваат на Мундијалот

Селекторот на репрезентацијата на Исланд, Гудмундур Гудмунсон ги соопшти имињата за настап на Светското првенство во Полска и Шведска.

На списокот кај Гудмунсон партиципираат 19 играчи, најголемиот дел од нив имаат настапувано на големите натпреварувања, па така селекцијата на Исланд ќе има силен состав за Мундијалот.

Од клучните играчи тука се голманот на Нант, Виктор Халгримсон, еден од најдобрите ракометари на светот, средниот бек Арон Палмарсон (Алборг), потоа членот на Веспрем, Бјарки Мар Елисон, кој настапува на позицијата лево крило, како и двајцата ракометари од Магдебург, Омар Инги Магнусон и Гисли Кристијансон, кои настапуваат на позицијата лево крило, односно среден бек.

Исланд на минатиот Мундијал заврши на 20. позиција, но една година подоцна, на Европското првенство во Унгарија и Словачка успеа да направи забележителен успех и го освои 6 место на континенталниот собир.

Ракометарите на Исланд на Светското првенство ќе играат во групата Д заедно со селекциите на Португалија, Унгарија и Јужна Кореја.