Респект од Атина: Еурофарм Пелистер напредуваше многу, има одлични играчи

Екипата на Аек од Атина е еден од противниците на Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на Европа.

Станува збор за познат ривал против кој составот на Еурофарм Пелистер играше минатото лето на турнир во Атина. Сепак, сега работите се поинакви и сигурно ќе има и сосема поинакви средби.

„Доколку сакаме да се надеваме на место во елиминациите мора да бидеме конкурентни на натпреварите против Еурофарм Пелистер и Татабања. На тие дуели мораме да освојуваме бодови. Тоа се амбициозни тимови кои се и силни. Што се однесува до Еурофарм Пелистер, тоа е тим што го знаеме добро бидејќи игравме на турнирот во Атина пред една година. Сепак, оттогаш Еурофарм Пелистер напредуваше многу. Во тимот најважни играчи се Јосип Периќ и Стипе Мандалиниќ. Станува збор за искусни и квалитетни играчи кои зад себе имаат настапи во силни натпреварувања“, вели Димитролијас.

Првиот дуел против Еурофарм Пелистер ќе биде на 16 ноември во Атина, додека тимот од Грција ќе гостува во Битола во последното коло на 8 март во 2022 година.