Репрезентативец на Полска пред трансфер во Мелсунген

Според пишувањата на полскиот сајт sportowefakty.wp.pl, голманот на репрезентацијата на Полска и член на Висла Плоцк, Адам Моравски, би можел да биде нов член на еден од најбогатите бундеслигашки клубови, Мелсунген.

Екипата на Мелсунген моментално на голманската позиција ги има искусните Небојша Симиќ и Силвио Хајневетер. И двајцата голмани имаат активен договор со Мелсунген до крајот на сезона 2022/2023, но еден од нив веројатно ќе мора да го напушти клубот.

Голманот од Полска бил голема желба на управата на Мелсунген и најверојатно, Моравски за првпат во својата кариера ќе направи интернационален трансфер. Доколку преговорите меѓу двете страни бидат успешни, тогаш Моравски ќе му се приклучи на Мелсунген во текот на следното лето, односно во јули, 2022.

За Моравски интерес покажаа голем број на познати клубови по неговите одлични настапи во дресот на репрезентацијата на Полска за време на Светското првенство 2021 во Египет. 26-годишниот голман од 2016 година го носи дресот на Висла Плоцк. Претходно, беше дел од Гданск и Погон Шчечин. За репрезентацијата на Полска настапува од 2013 година.