Резултати под очекувањата – се клати уште едно селекторско место после Мундијалот

Мундијалот во Полска и Шведска е во тек, а низ ракометните кулоари веќе кружат информации за тоа кои селектори повеќе нема да бидат на чело на своите национални тимови.

По лошиот пласман на Светското првенство и неисполнувањето на зацртаните цели, Хрватска се наоѓа пред смена на селекторот Хрвоје Хорват, а такви најави стигнуваат и од ко-домаќинот Полска која исто така имаше зацртана цел да се пласира во четвртфиналето која за жал остана неисполнета.

Одговорноста за неуспехот паѓа врз грбот на актуелниот селектор Патрик Ромбел кој иако имаше првичен договор кој истекува на крајот на март, сепак прашање е дали ќе биде на клупата на следните два квалификациски дуели за пласман на ЕП.

Конечниот одговор за судбината на Ромбел ќе биде познат по состанок на тренерот со претседателот на Полскиот ракометен сојуз, Хенрик Шчепански.

Ќе разговараме, ќе направиме анализи, ќе се потрудиме да ги најдеме причините зошто не се пласиравме во четвртфиналето а потоа ќе донесеме одлука- изјави Шчепански за полскиот Спортове Факти.

Неодамна тренерот на Келце, Талант Душебаев, ги советуваше челниците на полската федерација дека не треба да го менуваат селекторот Ромбел и да му дозволат да работи со националниот тим и понатаму.