„Ракометот се шири во Македонија – имаме дури 156 клубови и повеќе од 10.000 играчи!“

На редовното годишно собрание на РФМ, претседателот Живко Мукаетов покрај за настапите на сите репрезентации во претходната година се осврна и на новите проекти за развој на ракометот.

Доказ за популарноста и ширење на ракометот е големото зголемување на бројот на клубови и играчи во споредба со пред пет години.

„Бројот на клубови е со континуиран раст, па од сезоната 2015/16 имавме 101 клуб, за во оваа сезона бројката да изнесува 156 клубови, а имаме повеќе од 10.000 регистрирани играчи во сите категории“, изјави Мукаетов.

Беше начната и темата за финансиското работење на Ракометната федерација на Македонија, а утврдено е дека куќата на ракометот работи според планот. Според финансискиот извештај во периодот од февруари 2019 до февруари 2020 година, РФМ бележи приход од 125.497.106 милиони денари, додека расходите се 113.005.706 денари.

РФМ успеала да исплати два стари долга, 2,5 милиони денари кредит од старото раководство и 4,5 милиони денари долг кон Јавното Претпријатие за деловниот простор во кој е сместена федерацијата“, изјави претседателот на Надзорниот Одбор при РФМ.