Радовиќ: Битола живее за ракометот, Еурофарм расте од година во година

Еден од најдобрите играчи во финишот на полусезоната во Еурофарм Работник беше десното крило од Црна Гора, Мирко Радовиќ. Тој со неговата репрезентација ќе игра на ЕП, па покрај очекувањата од континенталниот собир, за медиумите во Црна Гора ги сподели и импресиите од Битола.

„Игравме во Лига на шампионите и се покажавме во вистинското светло. Ни фалеше среќа да стигнеме до следната фаза, иако табелата тоа не го покажува, бидејќи на стартот врзавме три порази со еден гол разлика. Ситуацијата во клубот е супер, сакаме да растеме од година во година и владее одлична атмосфера. Клубот за првпат играше во Лигата на шампионите, имавме неколку победи на домашен терен и ги израдувавме навивачите. На личен план, задоволен сум, играв многу, и се чувствувам како дома. Битола живее за ракометот“, изјави Радовиќ.

Десното крило прво го чека настап на ЕП во групата А, против селекциите на Србија, Белорусија и Хрватска, а по завршувањето на континенталниот собир, ќе се приклучи на подготовките на Еурофарм Работник за вториот дел од сезоната.