Радовиш по вторпат го совлада Младост во пријателски натпревар

Во третиот подготвителен натпревар за натпреварувачката сезона 2022/23, екипата на Радовиш ја забележа третата победа, односно вториот триумф против ист противник, Младост Богданци, овој пат на гостински терен со резултат 25:18. (13:12).

Избраниците на Љупче Мијалов со подобрата игра во вторите 30 минути успеаја да го скршат отпорот на домаќинот и да дојдат до победа. Првиот натпревар, кој беше одигран во Радовиш, заврши со победа на тимот на Мијалов од 32:24. Претходно Радовиш беше подобар и од составот на Куманово со три гола разлика, 26:23.

Најефикасен на натпреварот во Богданци беше ракометарот од редовите на Радовиш, Здравко Постолов со десет погодоци. На голот на Радовиш, Славјан Паунов имаше 10 интервенции, додека Кристијан Костадиновски забележа четири одбрани и постигна еден гол.

Во екипата на Младост Богданци се истакнаа Стојанчо Наумовски со шест и Илија Чрчев со пет погодоци. Голманите на Младост, Благој Панов и Горан Паунков натпреварот го завршија со шест интервенции.

Екипата на Радовиш во Суперлигата ќе игра во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.

Младост Богданци и во новата сезона ќе се натпреварува во прволигашкото друштво. Избраниците на Мите Стоилов во регуларниот дел од Првата лига за ривали ги имаат екипите на Јехона, Бисинов, Кичево, Македонија ЃП, Мулти Есенс, Овче Поле, Работнички, Текстилец и Шампион.