Радовиш парираше едно полувреме, стружани рутински до нова победа

Иако Струга на гостувањето во Радовиш кај истоимената екипа настапи со речиси една постава, со подобрата игра во вторите 30 минути дојде до триумф од шест гола разлика, 32:26, во натпревар од 13. коло од плеј-аут фазата во Супер лигата.

Овој дуел за двете екипи немаше резултатско значење, бидејќи екипата на Струга уште од поодамна обезбеди опстанок во суперлигашката конкуренција, додека Радовиш веќе го загуби суперлигашкиот статус и во следната сезона ќе игра во Првата лига.

Составот на Радовиш парираше и се надигруваше во првиот дел, во кој во два наврати имаше минимална предност (4:3, 8:7). Струга во најголемиот дел во првото полувреме беше во предност, но без голема комоција во играта. Ракометарите на Наум Танески успеаја при финишот од првиот дел да го скршат отпорот на домашниот тим и на полувреме заминаа со предност од 15:11.

Во продолжението дојде до одраз квалитетот меѓу двете екипи. Гостинскиот тим ги имаше расположените Бугариновиќ, Лазаревиќ, Костоски, Маркоски…па така лесно дојде до нови три бода.

Најефикасен во победничката екипа беше Петар Бугариновиќ со осум погодоци. Кај Радовиш отскокна Филип Трајанов, кој исто така постигна осум погодоци, кои не беа доволни за барем бод на домашната екипа.