Радовиш го договори првото засилување – доаѓа среден бек од Србија

Македонскиот суперлигаш Радовиш за следната сезона го ангажираше првото засилување. Станува збор за младиот ракометар од Србија, средниот бек Јакша Вјештица.

21 годишниот ракометар редовите на Радовиш ќе ги засили од екипата на Морава. Во својата кариера го носеше дресот и на Земун, Нови Београд, Црвена Звезда и Металопластика.

Претходно Радовиш ги продолжи договорите со столбот на одбраната, Александар Марков, левото крило, Кристијан Ристов, десното крило, Филип Трајанов, голманот Славјан Паунов, кружниот напаѓач Томче Трајчевски, како и со тројцата ракометари кои настапуваат на бековските позиции, Ангелче Органџиев, Здравко Постолов и Иванче Ончев.

Од Радовиш официјално си замина средниот бек, Бобан Каковски, додека Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев ставија крај на својата ракометна кариера. Минатата сезона Радовиш преку бараж го обезбеди опстанокот во елитното друштво, а оваа сезона дилемите беа решени пред крајот на плеј-аутот.

Во следниот период до почетокот на подготовките при крајот на месец јули, се очекува раководството на Радовиш да потпише професионални договори со дел од играчите на младинскиот погон.