Радовишани се опуштија во финишот, но ја освоија „Автокоманда“

На средбата во „Автокоманда“ на која се очекуваше многу повеќе од домашниот состав, ракометарите на Радовиш успеаја да дојдат до убедлив триумф од 32:27 и до три поени кои се сосема заслужени според прикажаното.

Радовиш беше во предност од почетокот на средбата. Тргна со 2:0 и овие два гола ги зголемуваше постојано во текот на целото прво полувреме. Сите обиди на домашните да се вратат во мечот не даваа резултат, па радовишани лесно успеаја да стигнат до висока предност.

На одмор ја имаа највисоката позитива од 11 гола разлика, 20:9 која ја имаа обезбедено и претходно и успешно ја одржуваа.

Во вториот дел за 15 минути игра стигнаа до двојно поголема позитива од ривалот. Радовишани водеа со 26:13 и тука почнаа да се опуштаа. Младите ракометари на Металург го искористија моментот кога гостите не беа на истото ниво од почетокот на мечот и успеаја да се изборат за намалување на високата негатива.

Дојдоа до едноцифрена разлика, но немаше време за повеќе. Се доближија до пет гола,но поради она што претходно го одиграа мораа да се помират со пораз од 27:32.

МЕТАЛУРГ 2 – РАДОВИШ           27:32 (9:20)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 30. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Петре Климкаров од Велес.

МЕТАЛУРГ 2: Божиновски 1, Василевски, Михајлов 8, Фидановски, Мелоски, Кофиловски 2, Стоилевски, Митиќ 4, Мирчевски, Попов, Ристовски 4, Љубевски 2, Стојановиќ 2, Гајиќ 3, Додиќ 1, Ефтимов.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 4 мин.

РАДОВИШ: Паунов 1, Стојановски 6, Димов, Јованов, Ѓоргиески 3, Долдуров 4, Ѓорѓиев 2, Постолов, Фенов, Ј. Ѓорѓиев, Органџиев 1, Николов 4, Илиев 10, Везенковски 1.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.