Работи како курир во продавница за градежни материјали, а на дебито во ЛШ беше најдобар стрелец!

Во центарот на вниманието на данската јавност е 19-годишниот Маринунс Мунк, кој беше најдобар стрелец на Алборг во триумфот над ГОГ Гудме со 30-28 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите.

Тој беше најефикасен во победничката екипа и на својот деби настап во Лигата на шампионите имаше 100% реализација, шест гола од исто толку обиди.

Покрај тоа што Мунк тренира ракомет во Алборг, работи на пола работно време во продавница за градежни материјали како курир.

„Минатото лето Маринус ми донесе скоро се што ми беше потребно за изградба на дрвена тераса на мојата куќа“, изјави членот на Алборг, Хенрик Мелгард за ТВ2.

Мунк не го криеше задоволството од дебито за данскиот тим во елитното натпреварување.

„Беше одлично да се игра на тој натпревар. Зборувавме за тоа да останеме сплотени затоа што имавме многу повредени ракометари. Стефан Мадсен верува во тимот и во мене, тоа ми е драго. Јас работам покрај тоа што тренирам ракомет. Во сабота на пример на смена сум од 9 до 13 часот, а потоа веднаш одам на натпреварот против Холстебро што се игра од 14 часот“, раскажа Мунк.

Мунк на почетокот на оваа сезона беше прекомандуван од младинскиот во првиот тим на Алборг и покажа дека собрал доволно искуство од постарите колеги. Левиот бек на почетокот на оваа сезона го потпиша првиот професионален договор и во редовите на Алборг ќе остане најмалку до 2025 година.

Алборг се пофали со новата потенцијална ѕвезда (ВИДЕО)