Алборг се пофали со новата потенцијална ѕвезда (ВИДЕО)

Екипата на Алборг е на чекор до пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако на првиот меч од осминафиналето против ГОГ триумфираше со два гола разлика, 30:28.

Алборг во данскиот двобој настапи без неколку клучни играчи како Микел Хансен, Арон Палмарсон, Јеспер Нилсен, Лукас Сандел, но сепак, тоа не претставуваше проблем да го добие првиот дуел со тимот од Гудме.

Најефикасен во победничката екипа беше 19-годишниот Маринус Мунк, кој на неговиот деби настап во Лигата на шампионите имаше 100% реализација, шест гола од исто толку обиди.

Младиот член на Алборг пред дуелот со ГОГ имаше запишано само три гола во данскиот шампионат и отсуството на неколку искусни ракометари беше причина да ја добие довербата од Арнор Атласон.

Мунк на почетокот на оваа сезона беше прекомандуван од младинскиот во првиот тим на Алборг и покажа дека собрал доволно искуство од постарите колеги.

Левиот бек на почетокот на оваа сезона го потпиша првиот професионален договор и во редовите на Алборг ќе остане најмалку до 2025 година.