„ПСЖ, Вардар и Барса не ни се најголеми противници – тоа е гробарот од федерацијата“

Единствениот непоразен тим досега во Лигата на шампионите, романскиот Динамо Букурешт, е пред историска шанса – да обезбеди пласман во осминафиналето на елитното натпреварување.

По триумфот над Спортинг Лисабон, романскиот тим има одлична шанса пред своите гледачи да обезбеди следна фаза. Сепак, атмосферата во клубот не е највисоко ниво по една одлука на федерацијата за бројот на странците во романските екипи.

Од следната сезона во Динамо Букурешт и другите романски играчи, ќе може да играат најмногу тројца играчи надвор од државите на ЕУ. Такви во моментов со активни договори во Динамо има дури ОСУМ.

Од клубот се огласија со соопштение и упатија еден тон навредливи зборови кон претседателот на федерацијата Александре Деду, чиј глас бил решавачки во одлуката за бројот на странци.

„Чао ракомет! Голема благодарност до ГРОБАРОТ Деду!“, стоеше во насловот на соопштението од Динамо.

Во продолжение пишува дека најголемите европски екипи не им се најголеми противници, туку човек од федерацијата.

„За жал, најголемите европски екипи како ПСЖ, Монпелје, Вардар, Барселона или Веспрем, не ни се најголеми ривали, туку тоа е човек од федерацијата – Александру Деду“.

Во моментов во Динамо играат осум играчи што немаат пасоши од земја на ЕУ – тројцата Тунижани, Банур, Алуини и Мисауи, потоа двајцата Иранци, Хеидарирад и Мусави, Србинот Вујиќ, како и Египќанецот Мамду.

Дали овој настан ќе им даде мотивација плус на ракометарите на Динамо пред пресметката со Спортинг во ЛШ, останува да видиме.