Протестирал против владејачката партија, па го обвини клубот дека го избркал поради тоа!

Еден од најталентираните словенечки голмани, Марк Ферјан иако имаше уште една година од договорот со Марибор, сепак нема да ја одработи. Клубот одлучи предвреме да ја прекине соработката со 23-годишниот чувар на мрежата.

Според неговата изјава во словенечка „Екипа“, Ферјан вели дека клубот го избркал заради тоа што со своето семејство учествувал на протест против власта во Словенија. На оваа објава на Ферјан, клубот Марибор веднаш излезе со соопштение и изјави на водечките луѓе на тимот меѓу кои тренерот Звижеј и капитенот на екипата Тадеј Сок.

Во соопштението на клубот се вели дека објавата е апсолутна невистина, а единствената причина за прекинувањето на соработката помеѓу клубот и играчот е одлуката на тренерот Лука Звижеј и тренерскиот тим да не смета во иднина на Ферјан.

„Одлуката за промена на голманите беше исклучително спортска одлука што ја донесовме заедно со моите колеги. Во тимот сакам да ги ставам играчите кои сакаат да бидат дел од екипата, а не своите интереси да ги ставаат во прв план“, рече Лука Звижеј за промената на голманите.

Исто така и спортскиот директор Бранко Бедековиќ ги истакна причините за прекин на соработката со Ферјан.

„Ферјан постојано беше во конфликт последните две сезони, тој постојано ги кршеше општите правила, не ги почитуваше општите правила и ја уништи хемијата на тимот. На своите соиграчи им даваше чувство на инериорност и секогаш се ставаше во прв план. Ова се причините зошто не сметаме на него во сезоната 2021/22“.  кажа Бедековиќ.

Според капитенот на тимот Тадеј Сок обвинувањата од голманот се неосновани.

„Јас сум во Марибор повеќе од десет сезони и за тоа време клубот никогаш не бил политички ориентиран. Раководството било секогаш многу фер за играчите. Можам да гарантирам дека никој во клубот не знаеше дека Ферјан учествувал на протестите, затоа обвинувањата се бесмислени“, рече Сок.

Од Марибор најавија и со започнување понатамошна постапка за да го заштитат својот углед поради невистините и обвинувањата.