Прилеп со моќно издание против Радовиш

Екипата на Прилеп со победа ги стартуваше натпреварите од плеј-аут фазата, откако на свој терен целосно го надигра Радовиш, триумфираше со 35:26 (18:12). Освен нерешените 2:2, сѐ друго мина во знакот на домаќините, кои на овој дуел беа предводени од бековската линија – Шокоски, Гамзардија и Гавашелишвил. Токму од тројцата ракометари Радовиш прими дури 23 гола.

Домаќините имаа подобар старт во дуелот против гостите од Радовиш и предводени од главниот стрелец Шокоски ја диктираа играта. По нерешените 2:2, ракометарите на Прилеп постигнаа два гола во серија, поведоа со 4:2 и до крајот на првиот дел одржуваа позитива, која најчесто беше изразена со три до четири гола разлика.

Прилеп во воведните десет минути успеа да се одлепи на 6:3, а кон средината на првиот дел дојде до дотогаш највисоката предност од ,,плус четири” 8:4. Радовиш на добрата игра на домашниот тим одговори со неколку гола во серија и успеа да намали на 9:8 во 15-та минута. Беше и 10:9, но сепак, тоа беше последниот отпор на гостите во првите 30 минути, бидејќи како одминуваше времето растеше предноста на домаќинот, кој од минута во минута градеше сигурна предност.

Составот на Прилеп на пет минути пред крајот на првиот дел поведе со 15:10, во финишот проработи и Гавашелишвил, па така домашниот табор имаше повеќе од играта и на пауза замина со активен резултат од 18:12.

Откако Прилеп имаше предност од 20:13, гостите преку Вјештица и Марков намалија на 20:16 и сѐ уште имаа надеж за евентуален камбек. Следуваше период на грешки, во кој подобро се снајдоа домаќините, кои во неколку наврати во вториот дел му дозволија на гостинот да намали на три гола разлика.

Ракометарите на Прилеп рутински го одработија последниот период, зголемија на 28:21 и во тој момент беше јасно дека бодовите остануваат кај домаќинот. Во 50-та минута поради три исклучувања црвен картон заработи членот на Прилеп, Антонио Бурчески. Избраниците на Мијалов никако не можеа да ја преполоват негативата и влегоа во уште поголема криза.

Најефикасни во Прилеп беа Давор Шокоски и Мириани Гавашелишвил со по осум погодоци, седум додаде Уча Гамзардија, додека крилата Бикоски и Чантурија постигнаа по шест, односно три гола. Прв стрелец во Радовиш беше средниот бек Јакша Вјештица со шест реализации.