Прилепчанки работат под полна пареа – амбициите се пласман меѓу најдобрите четири во Женската лига

Ракометарките на Деспина веќе неколку недели работат напорно за остварување на зацртаните цели во продолжението од Супер лигата.

Без промени во играчкиот и стручен кадар, прилепчанки се надеваат на подобар пласман во Супер лигата и излез на европска сцена. Моментално составот на Деспина е на 5 позиција со 24 бодови и биланс од 12 победи и 4 порази. Искусната ракометарка и поранешна репрезентативка на Македонија, Мери Гичева Конески, за 24Ракомет ги сподели првите впечатоци од подготвителниот период.

„Подготовките ги започнавме пред две недели. Тренинзите ги одржуваме во спортската сала во склоп на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“. Почнавме со полна пареа со интензивни тренинзи, а во овој дел од подготовките тренерот Страшо Илиески акцентот го става на кондициските тренинзи кои се комбинирани со вежби за сила и брзинска издржливост. Тие се работи кои ни недостигаа во есенскиот дел од сезоната што се однесува до физичката спремност“, вели Гичева Конески за 24Ракомет.

Прилепчанки одиграа солидна полусезона, а петтото место е доказ дека во Прилеп полека се враќа женскиот ракомет. Деспина со млади сили ќе се обиде да стигне до најдобрите четири екипи во Супер лигата. Составот предводен од Страшо Илиески заостанува со 4 бодови во однос на четвртопласираната екипа на табелата, Вардар.

„Првата полусезона ја завршивме на 5 позиција, но имајќи ги во предвид некои неизвесни натпревари кои ги загубивме во текот на сезоната на наши грешки и мала гол разлика во пролетниот дел од сезоната, се надеваме дека тие грешки ќе ги поправиме и ќе ги санираме некои недостатоци што ги имавме во играта. Во пролетниот дел амбицијата на ЖРК Деспина е повисок пласман односно пласман во ТОП 4 во Женската лига, а пред се да покажеме добра и борбена игра на теренот затоа што клубот располага со млад кадар на играчи без многу искуство па ова нека биде и за нив еден предизвик за плус искуство кое со напорната и дисциплинирана работа ќе не одведе до успехот и остварување на нашата амбиција и цел“, рече Гичева Конески.

Пролетниот дел и продолжението од Женската лига ќе започне на средината на месец март.