Преспа останува закотвена на дното – И Јехона си замина со „тројка“ од Ресен

Екипата на Јехона ја оствари втората победа во сезоната во Групата A од Првата машка лига откако на гостувањето кај Преспа забележа убедлива победа со 34:26.

Гостинскиот тим имаше целосна контрола на играта и во текот на сите 60 минути беше во водство. Јехона поведе со 3:0, а потоа со 6:1 и најави освојување на нови бодови. На полувремето веќе имаше висока предност од 18:10.

Второто полувреме не донесе ништо различно на теренот, Преспа беше немоќна да даде поголем отпор, а многу брзо во продолжението имаше и двоцифрена негатива. До крај на натпреварот ракометарите на Јехона рутински стигнаа до победата.

Предводник до триумфот на Јехона беше Адис Салиу со 13 погодоци кој беше и најефикасен на натпреварот. Во екипата на Преспа најпрецизен беше Џанер Шабединовски со осум гола.