ПРЕСИНГ: Македонија не смее да влезе во „зоната на самракот“

Не би сакал да верувам дека некој манипулира со системот, дека „продава магла“ за капацитетите на оваа репрезентација, за тоа што да очекуваме од неа следните години, едноставно не сакам да верувам дека „дотаму е работата“. Од друга страна, селекторот, како еден од најдобрите ракометари кои воопшто го играле овој спорт на светско ниво, имајќи предвид начинот на кој го играше истиот, им беше капитен на половина од овие момци претходните 6-7 години, а на останатите ги има во клубот каде што работи изминатата година и би требало да ги познава квалитетите на секој поединечно како „како својот џеп“. Можно ли е, играч со такво искуство да направи толку лоша проценка во однос на одредени играчи и позиции или во прашање е друго нешто....???

Македонија без никаква шанса за нешто повеќе, убедливо загуби и уште еднаш, третпат во низа на ова СП ја разочара нацијата. А очекувавме егал натпревар со Норвешка и две победи во групата, потоа две победи против Холандија и Аргентина, па една победа за пласман понатаму и на крај знаевме дека ќе загубиме ама не очекувавме толку убедливо, со толкава негатива….не можам да поверувам дека некој манипулира со системот, а уште помалку, играч со таква играчка кариера и искуство дека не може да процени можности на играчи со кои или играл последните 6-7 години или ги тренира во клуб последната година…

Ќе покаже времето…

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

Тешко, тешко ќе оди пишувањето на оваа колумна по поразот на последниот натпревар од групната фаза, против јужноамериканскиот преставник Аргентина. Аргентина, која синоќа „ни се виде“ како „светски првак“ во однос на нашиот национален тим. Навистина е досадно да се повторуваат истите работи, од претходните колумни, за нашата игра на двата дела на теренот, за млаката одбранбена зона, за стерилниот напад, со многу солирање и обиди за самопромоција, технички грешки, дуел играта и компактноста на нашата зона, ефектот на нашите голмани….нема простор за понатамошна анализа на самиот натпревар.

НЕ САКАМ ДА ВЕРУВАМ ДЕКА НЕКОЈ МАНИПУЛИРА СО СИТЕМОТ, ОД ДРУГА СТРАНА НЕ Е ВОЗМОЖНО ДА СЕ НАПРАВИ ТАКА ЛОША ПРОЦЕНКА

Не е Македонија во мометов (не)квалитетна до таа мера, за противникот на тој начин да „со игра со нас“. Длабока анализа ќе следи, и тука во оваа колумна, но се надевам дека уште подлабока анализа ќе направат (нај)одговорните. Анализа која ќе ги извади на површина сите недостатоци, а богами ги имаше многу. Македонија, во моменти кога очекува(в)ме (играчки, не толку резултатски) да го смени правецот, да постави игра по која ќе бидеме препознатливи и ќе ги истакне квалитетите на играчите со кои располагаме, и „ќе ни даде идентитет“…..не видовме НИШТО.

Не би сакал да верувам дека некој манипулира со системот, дека „продава магла“ за капацитетите на оваа репрезентација, за тоа што да очекуваме од неа следните години, едноставно не сакам да верувам дека „дотаму е работата“. Од друга страна, селекторот, како еден од најдобрите ракометари кои воопшто го играле овој спорт на светско ниво, имајќи предвид начинот на кој го играше истиот, им беше капитен на половина од овие момци претходните 6-7 години, а на останатите ги има во клубот каде што работи изминатата година и би требало да ги познава квалитетите на секој поединечно како „како својот џеп“. Можно ли е, играч со такво искуство да направи толку лоша проценка во однос на одредени играчи и позиции или во прашање е друго нешто….???

Со услови за работа, за кои можевме да сонуваме во едно друго време, задоволени од се што треба од страна на работодавецот, стручниот штаб на чело со Лазаров, без никаков концепт и чувство за тоа кој колку може и на која позиција може, комплетно потфрли и доколку во брзо време не промени нешто во начинот на делување, однесување кон играчите, кон колегите од македонската лига, кон играчите кои (не)оправдано ги остави дома, Македонија ќе влезе во „зоната на самракот“. Тоа нема да го дозволиме, ние кои живееме за и од ракометот, ние кои сме долу во базата, а некои и многу погоре во „професионалната лига“….

ПОЧИТ КОН КОЛЕГИТЕ, КОН СВОИТЕ ИГРАЧИ, ОТВОРЕНОСТ КОН ФЕЛАТА, КОН ЈАВНОСТА

Ќе повторам уште еднаш, нешто што го пишував во претходните колумни, нашата федерација, поради суети на одредени личности и самобендисаност, не смее да си дозволи да биде жртва, да се дистанцира и да делува отсечено од голем дел од клубовите, затоа што македонскиот ракомет не се овие 18 играчи и стручен штаб кои мометално ја претставуваат нашата земја во Краков, ракометот е цела војска на тренери, играчи, деца кои сега ги прават првите чекори, ракометот е наше национално богатство и спорт кој долги години не претавувал во најдобро светло во светски рамки. Тоа мора да продолжи, пред се со однос кон националниот дрес, со отвореност кон стручната јавност, со нормален однос кон играчите и своите соработници, колегите, сите тие изложени на аторитарен режим…без простор за широка дебата, совет или свое мислење. На тој начин, не одиме никаде…

Ни следуваат уште три натпревари, кои се надевам дека ќе ги искористиме за комплетно подмладување на оваа селекција, да добијат шанса да почуствуваат големо натпреварување, во ситуација кога пласманот е во втор план. Штета за Павле Атанасиевиќ, на кој овие натпревари ќе му беа добредојдени, како еден од лидерите на оваа селекција во следните 10-15 години, во ситуација кога оние кои требаше да бидат носители комплетно потфрлија.

 

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот „Ракомет За Секое Дете