ПРЕСИНГ: Македонија мора да создава култ кон националниот дрес

Таа е реланоста, нашиот тим е подобар од Алжир, Саудиска Арабија, Мароко и Уругвај, нешто послаб од Чиле или Тунис. Со пласман на 27-28 место. Македонија е во „слободен пад“, сакаме да го прифатиме тоа  ние или не, а за да тргнеме нагоре, според некој правила на физиката, мораме прво да го спречиме падот и да се стабилизираме. Тоа е нашата првенствена цел.

Селекторот со исти играчи, во исти улоги го стартуваше натпреварот со Тунис, а епилогот беше очекувано ист. Коментарот на една госпоѓа на социјалните мрежи, како конструктивна критика, без навреди и вулгарности, на површина „ги извади“ проблемите на овој национален тим. Во згуснат распоред и доста натпревари за краток период, широкиот ростер на квалитетни играчи (ќе) одлучува за пласман во најдобрите осум.

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска   „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

КОМЕНТАР НА „ОБИЧЕН“ ЧОВЕК ГИ ИЗВАДИ НА ПОВРШИНА ПРОБЛЕМИТЕ НА НАШИОТ НАЦИОНАЛЕН ТИМ

„Без идеја, без мотивираност, нема гинење на терен, енергија, харизма….тотална незаинтересираност. Никогаш не сум го видела ова кај нашите освен сега“  – искоментира на социјалните мрежи една госпоѓа веднаш по завршувањето на натпреварот против Тунис, со (што се вика) со жешка глава.

Изминaтите денови, како резултат на незапамтено лоши настапи и резултати, напишани се „милион“ коментари на луѓето кои го следат македонскиот ракомет и националниот тим изминатите деценија и нешто. Покрај останатите, имаше и такви кои не влегуваа во групата на коментари со содржина која навредува, понижува, коментари во категоријата вулгарни кон нашата експедиција во Полска. Коментарот на едан госпоѓа погоре го издвоив (иако не сум прочитал ни дел од вкупниот број коментари на социјалните мрежи затоа што едноставно е невозможно) како еден од оние со (по)конструктивна содржина, за да се долови впечатокот на „обичниот“ навивач или поддржувач на македонскиот ракомет.

Коментар во кој „засегнати“ се сите учесници од македнскиот тим на СП во Полска и Шведска. Од оние кои немаат идеја или не ја презентирале и „инсталирале“ во главите на нашите репрезентативци или пак овие вторите имаат ограничена моќ на акцептирање, односот на играчите, атмосферата во тимот и чувството кај одредени играчи кои „како сосила да ги однеле“ на ова големо натпреварување. Покрај квалитетот со кој треба да располага една национална селекција, култот кон националниот тим и односот кон дресот со националните бои е нешто што треба да се негува.

ЛАЗАРОВ СО ИСТИ АКТЕРИ, ВО ИСТИ УЛОГИ ДО ИСТ ЕПИЛОГ НА ДУЕЛОТ СО ТУНИС

Селекторот на македонскиот национален тим, со најсилниот и нај искусниот состав го стартуваше вчерашниот натпревар против Тунис, африканска селекција со висок рејтинг, поранешен „сериозен играч“ на „црниот континент“, тим кој на времето располагаше со „еден куп“ играчи кои играат во екипи во најквалитетната француска лига, но и селекција кој мометално не е ни бледа сенка на „тој Тунис“ предводен од, во тоа време, еден играчите со најскап трансфер во ракометот, Висем Хмам.

Но, ова се други времиња, па така и Тунис, предовден поранешниот десен бек на францускиот национален тим, Патрик Казал, слично како и нашата селекција со комбиниран состав на младост и искуство, „заврши“ во Президент купот. Многу брзо Лазаров повика тајмаут, после четири минути игра, во која со истите актери, во исти улоги, го имавме истиот епилог. Не едната страна на теренот, крајно конфузни, без идеја, потпирајќи се индивидуалните квалитети и дуел игра, од која многу многу ретко излегувавме како победници, на другата страна, физички инфериорни, тактички неспремни за, не секогаш, правилно поставената и безидејната игра на противникот.

Навистина е тешко да се објасни и „стави на хартија“ зошто нашите бекови во голем број ситуации примаат топка во место, без адекватен залет, кој ќе им помогне во играта со физички посилен противник, ја добиваат топката во погрешно време, „добивајќи ќотек“ и како резултат на губејќи ја самодовербата потребна на другата страна на теренот. Можеби и не е толку тешко, во претходните колумни го посочив проблемот со сериозен организатор на играта, играч кој треба „да ги поврзе нашите редови“.

МИТРЕВСКИ И ТЕХНИЧКИТЕ ГРЕШКИ ГИ ИЗВАДИЈА НА ПОВРШИНА КВАЛИТЕТИТЕ НА „ПОЛУЛАРНИОТ ФИТИЉ“

Секако, Македонија имаше и светли моменти на овој натпревар, и долго време беше или во водство или „бркаше“ минимална негатива во однос на противникот. Иако, уште еднаш се потврди дека нашиот национален тим во перспектива ќе има тешка задача да состави конкурентна одбранбена зона, сепак на вчерашниот натпревар, нашиот капитен, на голот ги „покриваше“ сите грешки на своите другари и овозможи, и заедно со доста технички грешки на противникот, карактеристични за селекциите од „Купот на Претседателот“, невообичаено за ова СП, да постигне доста голови од транзиција и т.н „лесни голови“.

Ситуација, во која дојдоа до израз квалитетите на Филип Кузмановски, како играч кој е несопирлив во транзиција, решавајќи ги работите индивидуално. Популарниот „Фитиљ“ може да биде корисен, на позиција лев бек, со „разигрувач“ на среден бек во „брза“ бековска постава, каде ќе има многу широки вкрстувања, напад на зоната во простор (не на играч) и помош од пивотот со „цепење“ на истата. На овој начин како што играме во моментов, Кузмановски има голем терет на себе, а и Талески има проблем да го покаже целиот потенцијал и знаење.

На крајот, Македонија, во натпревар, кој според мене, нема големо значење, загуби од Тунис со примени 33 погодоци. Таа е реланоста, нашиот тим е подобар од Алжир, Саудиска Арабија, Мароко и Уругвај, нешто послаб од Чиле или Тунис. Со пласман на 27-28 место. Македонија е во „слободен пад“, сакаме да го прифатиме тоа  ние или не, а за да тргнеме нагоре, според некој правила на физиката, мораме прво да го спречиме падот и да се стабилизираме. Тоа е нашата првенствена цел.

ВО ДУЕЛ НА СЕЛЕКЦИИ ОД „ПРВ И ВТОР ЕШАЛОН“, ШИРОКИОТ РОСТЕР (ЌЕ) РЕШАВА ЗА ПЛАСМАН ВО НАЈДОБРИТЕ ОСУМ

Полека но сигурно, фаворитите ги „чекираат“ своите билети за ¼ финалето, не дозволувајќи изненадување. Шпанија, и со состав кој не е убедлив, но со многу широк ростер на играчи кои можат да „подметнат грб“ (Канелас на пример),  потпирајќи се на системот кој го проповеда оваа земја од Иберискиот полуостров, со трпение во нападот, многу ротации и внесување на, речиси, комплетниот ростер во игра ја совлада Словенија на Урош Зорман. Словенија, со исклучок на Мацковчек, кој има сериозни задачи во одбраната, и покрај тоа што нема бекови кои можат да ја „разбијат“ зоната од надвор во еден период имаше “контрола на натпреварот“ благодарение на „вишокот“ бекови кои имаат одлична техника и ракометно знаење.  Словенија има врвно десно крило, но тука завршува и списокот на играчи кои можат рамноправно да се спротистават на селекција од големата „четворка“

Исланд, со Смарасон, Гисли Кристијансон и Магнусон има „атомски“ напад, три многу квалитетни и „досадни“ бекови, кои решаваат ситуација еден на еден против било кој противник и со скандинавска техника пренесуваат топка до крилните позиции. Елисон, левото крило на унгарски Веспрем е на високо ниво, но останатиот дел од тимот тешко можеме да го ставиме во таа категорија. Недоволно, во ситуација кога ќе го „изгубите“ Омар Инги Магнусон и играте против, можеби првиот фаворит и домаќин на првенството, селекцијата на Шведска.

Холандија, земјата која го игра најбрзиот раккмет во мометов, анализирана претходно, со одлични поединци од бундес лигата и мотив да оди чекор понатаму со пласман во најдобрите осум, потпирајќи се на (супер) квалитетни играчи кои можат да се избројат на една рака, не успеа да го следи темпото и пробие Волф на голот на „панцирите“, а како резулатат на тоа следуваше пораз со „убава“ разлика. Арон Гисласон, трпеливо, познавајќи го германскиот ракомет, создаде ТИМ од шеснаесет играчи, кои одржуваат високо ниво на квалитет, без изразени шутери во тимот, но со „силни“ бекови, релативно ниски по раст и ислучително брзи, но и два одлични кружни напаѓачи во имињата на Колабхер и капитенот Гола. Германија, со силна мотивација да покаже дека во бундес лигата не играат само квалитетни странски играчи, на двата дела на теренот игра доста подвижно, физички на високо ниво, и имаќи предвид ростерот има можност да го одржува истото во текот на 60 минути.

На прагот сме на четвртфиналните борби, видовме неколку дуели на екипи од „прв и втор ешалон“, и впечатокот е дека во оваа фаза од првенството, каде селекциите за десетина дена одиграа по 5-6 натпревари, шириокиот ростер на квалитетни играчи е исклучително важен и (ќе) решава за тоа кој ќе се бори за трофеите.

На Хрватска ќе и треба чудо за да ја видиме во одбрано друштво, а на Исланд мала помош од комшијата. Ако некој од нив влезе во ¼ финале, може да го видиме и во распределба на трофеите.